Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има речиси 5 години. Како помал беше мирно, питомо дете. Последната година стана агресивен, гласно вика, знае да удри и врсници од градинката и постара сестра, која е на возраст од 8 години.
Најмногу нѐ загрижува тоа што едно исто прашање може да го поставува 15 пати во рок од 10 минути. Кога ќе го прашам дали ме слушнал или дали разбрал што сум кажала, вели дека не ме разбрал. Плаче секоја вечер пред спиење, вели дека е тажен и дека не знае што му е. Навистина се трудиме да му објасниме некои работи на негово ниво, со убаво, полека, со разбирање. Загрижени сме за неговата состојба.
ОДГОВОР: Во овој развоен период детето ги кажува причините и зборува за сопствените емоции (на пример, се радувам што ќе одиме на гости, плачам затоа што сум тажен), а најдобро ги изразува прeку игра.
Во овој период развојот на емоционалната интелигенција кај детето е во подем. Поради тоа, потребно е да му овозможите на детето да ги разбере и да разговара за сопствените eмоции. Читајте терапевтски приказни кои обработуваат теми од емоционален карактер и ќе го поттикнуваат на разговор.
Иницирајте игра во која детето ќе ги искажува сопствените доживувања. Креирајте симболичка игра каде што ќе играте и ќе менувате улоги. Доколку состојбата продолжи, обратете се кај психолог за родителско советување.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912