Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Сакам да се посоветувам во врска со моето синче, кое сега наполни четири години. Сѐ уште не зборува како што треба, многу е темпераментен, но не оди во градинка. Изолиран е од деца, а го чуваат баба му и дедо му. Веќе станува неиздржливо, кога нема да му го дадам тоа што го сака, ме удира или сам себе се удира, почнува да плаче, вреска и се фрла на земја. Што и да му кажам, тој спротивното ќе го направи. Веќе немам трпение, пробувам со убаво да му објаснам, ќе каже да и по неколку секунди пак по негово. Со сопругот имаме големо несогласување поради ова, секој си влече на своја страна и има само обвинувања дека другиот е виновен бидејќи го разгалил детето. Морам да напоменам дека првите две години живеевме во странство, тој е роден еден месец порано, со мала тежина и имаше периоди на апнеи и од стрес поради тие работи, јас како да го испуштив суштинскиот период во неговото воспитување.
Ве молам за совет, веќе не знам како да постапувам и се чувствувам како ужасна мајка која не знае да си го воспита детето.

ОДГОВОР: Иако секое дете се развива со свое темпо, сепак постојат одредени развојни норми со кои го следиме нивниот развој. Говорните и јазичните вештини се од суштинско значење за комуникацијата, социјалните интеракции и целокупниот развој на детето, а кога детето доцни во развојот на оваа вештина, тоа влијае врз различни аспекти од неговиот живот.

На четиригодишна возраст повеќето деца имаат развиено јасен говор и можат да се изразат користејќи широк опсег на вокабулар и структури на реченици, но тој сѐ уште не е толку искристализиран и зацврстен. Меѓутоа, кога детето се бори со доцнењето на говорот, тоа кај него може да доведе до фрустрација и чувство на несоодветност, како и неможност да каже што сака, како се чувствува итн. Поради овие тешкотии, кај детето многу лесно се појавуваат и лутината и фрустрацијата. Да удира, плаче, вреска се форми на агресивно однесување и често децата добиваат епитети како „лошо дете“ или „непослушно дете“, а всушност во заднина е само борбата да се справи со својата неспособност да искомуницира.

Поради причините што ги наведовте за време на неговото раѓање, а и подоцна доста често родителите доаѓаат во ситуации кога малку повеќе ги штитат и им попуштаат на своите деца и границите тешко се воспоставуваат.

И вие доживувате и фрустрации, вознемирени сте и загрижени борејќи се со чувствата на беспомошност или вина.
Раната интервенција е клучна во решавањето на доцнењето на говорот и може да му помогне на вашето дете да ја намали фрустрацијата. Би било добро да се обратите на логопед и заеднички да почнете да работите со своето дете, а во исто време да го дисциплинирате и воспитувате со поставување јасни граници и очекувања.
Користете едноставни и јасни реченици за да ги пренесете вашите очекувања и бидете сигурни дека вашето дете разбира што се очекува од него. На пример, наместо да кажете „Собери ги играчките“, можете да кажете „Стави ги играчките во кутијата“.

Користете тајмаут, но важно е правилно да го користите. Избегнувајте да го користите како казна, туку како алатка за да му помогнете на вашето дете да се смири и да ги регулира своите емоции. Кога ќе поминат две минути, јасно објаснете зошто и како да се промени неговото однесување.

Бидејќи децата постојано нѐ набљудуваат и го имитираат нашето однесување, применувајте позитивно однесување сите дома, со почитување и разбирање и објаснете му на вашиот сопруг за тешкотиите со кои се соочува вашето дете, тоа не значи дека не треба да сте доследни во вашите граници и барања, туку да разберете зошто така се однесува и како можете да му помогнете.

Важно е да бидете трпеливи и да имате разбирање за проблемот со кој се соочува. Во дисциплинирањето секогаш треба да се пристапува на позитивен и конструктивен начин, фокусирајќи се на поучување и насочување наместо да се користат казнени или груби методи. Исто така, важно е да се земат предвид индивидуалните потреби, темпераментот и фазата на развој на вашето дете.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X