пелени Прашај психолог

Има 3 години и сѐ уште носи пелени. Проблемот се удвои бидејќи воспитувачките инсистираат да ги тргне, па сега не сака да оди во градинка

ПРАШАЊЕ: Се работи за тригодишно дете, кое за жал сѐ уште носи пелени. Имавме обиди за користење нокшир, како и адаптер за шолја, но едноставно гледам дека не е спремен (и навечер има полни пелени). Знае дека само бебињата носат пелени, но тоа е теорија. Во градинка од септември како преминаа од една во друга група учителката инсистира да се тргнат пелените, па се јави нов проблем. Од дете што сака да оди во градинка, почна да одбива, да плаче. Таму велат дека нема проблем, дека е супер, но гледам дека нешто се случува со детето, а не знае да ми објасни. Го препишувам на тоа дека го тераат да користи нокшир/шолја, од аспект што и дома наеднаш почна да одбива да ги користи или ги гледа со страв. Како да постапам во овој случај?

ОДГОВОР: Реакцијата на вашето дете е сосема природна и разбирлива. Тоа расте и се движи од една во друга развојна фаза, па во него се случува еден внатрешен конфликт помеѓу потребата за автономија и стравот од губење на сигурноста.

На оваа возраст, желбата за самостојност расте, но истовремено расте и потребата од блискост со вас, родителите. Кога се случуваат повеќе промени одеднаш (нови воспитувачки, нова соба, нови деца и дополнителен притисок околу пелените), детето го доживува тоа како губење на контролата. Затоа често се јавува отпор, плачење и одбивање да оди во градинка.

Оваа деликатна фаза бара мирен и нежен пристап. За родителите тоа знае да биде фрустрирачко и исцрпувачко бидејќи понекогаш плачењето мора едноставно да се истрпи, но тоа е дел од процесот на созревање.

Што се однесува до пелените, колку повеќе инсистираме и го нагласуваме тоа, толку повеќе ризикуваме да ја зголемиме тензијата. Наместо чувство на слобода и сигурност, детето почнува да се чувствува уплашено и збунето.

Бидете трпеливи, смирени и позитивни, со емпатија и без осудување, карање или казнување. Ако сега се плаши, започнете повторно, преку игра, преку сликовници, нека си игра со нокширот, нека седи на него без притисок. Постепено, чекор по чекор, ќе дојде и до користење. Воспоставете мала рутина – по будење, по оброк или пред спиење. Наградете го секој мал успех, но без претерана возбуда за да го одржите чувството на природност и спонтаност.

Кога воспитувачките велат дека во градинка е добро, верувајте им 🙂 Децата често реагираат поинаку пред родителите бидејќи дома имаат „сигурна база“ каде што можат да ги изразат сите свои емоции. Потрудете се да останете смирени, опуштени и доследни. Помага да му повторувате дека оди да си игра и дека мама и тато секогаш ќе дојдат по него – и секогаш така да направите. Вратете ја сигурноста во рутините: ист начин на поздравување, прегратка, бакнеж, ист тон на гласот.

Дома почнете полека да ја градите неговата автономија, нека избере меѓу две маички, два пара чорапчиња, нека има чувство дека одлучува. И секогаш именувајте ги неговите чувства: „Тажен си затоа што…“, „Се уплаши кога…“ , тоа му помага да научи да ги препознае и да ги разбере сопствените емоции.

Со текот на времето, кога ќе се почувствува повторно спокојно и сигурно, сам ќе покаже интерес и за градинката и за нокширот.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top