Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Нашиот син има 2 години и 9 месеци, а сè уште не зборува, само испушта понекој слог. Почна да оди во градинка на 2 години и 5 месеци и одеше кратко време поради настинки (вкупно околу 2 месеца) и во последните недели откако ќе се вратеше од градинка, манифестираше поинакво однесување. Штом ќе го поминеше прагот на нашиот дом, почнуваше да плаче, да се тепа и сè му пречеше… како да нè казнуваше што го носиме таму. Сега е дома и секојдневно има тантруми. Доколу нешто не е по негово или не разбереме што сака, почнува да се мава по главата. Не знам дали неговиот гнев е поврзан со тоа што не може да зборува или е нешто друго. Ве молам за совет како да постапиме во таквите ситуации. Инаку, кога прашав во градинката ми кажаа дека е многу мирен и дека постепено почнува да се вклучува во активностите со другите деца. Знае да се заигра сам, насочува кон предмети и букви и бара да му ги именуваме, разбира кога ќе му кажеме нешто што треба да направи и знае да биде доста послушен, но кога има тантруми, за жал, не можеме да си го препознаеме детето. Многу сме исплашени да не се повреди и не знаеме како да реагираме. Ве молиме за помош!
Прашуваат: загрижени родители
ОДГОВОР: Драги родители, тантрумите во овој период од развојот се својствени за возраста во која се наоѓа вашето дете. Во овој период од раното детство, детето инсистира да го добива она што го сака. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае адекватно, не знае како да се справи со нив и сето тоа прави да се чувствува беспомошно и фрустрирано. Фрустрацијата ја манифестира со интензивни емоции на бес и лутина.
Агресијата кај децата, пред сè, е биолошки механизам во служба на опстанок и тоа е нејзиниот позитивен контекст. Првата појасна манифестација на агресивно однесување кај децата се препознава околу втората година, во исто време со периодот на освојување на просторот и стекнување независност, т.е. увидот дека јас не сум исто што и моите родители. Колку ќе биде агресивно детето и на кој начин ќе ја манифестира емоцијата на лутина, бес или гнев, зависи од многу фактори. Еден од нив е овој што вие веќе го споменавте, нивото на развој на говорот. Колку е помал вокабуларот на детето, толку поинтензивни ќе бидат емоционалните реакции од причина што детето не е во состојба да ги вербализира чувствата и да објасни со зборови она што му се случува.
Тантрумите не се дел од карактерот на вашето дете, тие се развојни емотивни доживувања и начин на кој детето реагира на фрустрација.
Ве советувам во овој период да се насочите токму на стимулација на создавање вокабулар кој ќе му овозможи да се изрази. Читајте сликовници и детски приказни најмалку по еден час во денот, секој ден. Играјте логопедски игри. Такви има многу. Истражете. Како на пример играта: „Што има во торбата“? Во мало ќесе или торба треба да поставите предмети кои се разликуваат по формата и големината, различни на допир. Детето, затворајќи ги очите, треба да се обиде да утврди што всушност му се паднало во неговите раце.
Кога ќе се случи силно емотивно доживување, потребно е само силно да го гушнете вашето дете, потребно е со тело да му испратите поддржувачка телесна порака, да му кажете и со зборови: „Сè е во ред, ќе помине, јас сум тука, те разбирам, те сакам“. Тантрумите не се дел од карактерот на вашето дете, тие се развојни емотивни доживувања и начин на кој детето реагира на фрустрација. Фрустрацијата е здрава, создава психолошки имунитет и ги јакне психолошките капацитети на детето. Не заштитувајте го од неа.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912