Радмила Живановиќ, психолог- психотерапевт и комуниколог

Радмила Живановиќ, психолог- психотерапевт и комуниколог

„Психотерапика“ тел. 070 734 512
е-пошта: psihoterapika@gmail.com

Повеќе од авторот

Овие препораки се обид да се демистифицира митот дека играњето со сопственото дете подразбира многу напор, посебно време и огромна креативност. Воедно ќе го поттикнат и поддржат родителот кој е збунет и понекогаш обесхрабрен да почне да верува дека и тој е дел од екипата на т.н. игриви родители

За значајноста на играта

Играта е најавтентичниот процес на спознавање на себеси и светот околу себе. Со помош на играњето децата успешно поминуваат низ најраните, а воедно и најосетливите години од детскиот развој, од 0 до 7-годишна возраст. Тогаш играта се јавува најприродно и нејзината употреба е најзначајна. Неовозможената и нестимулирана игра, од страна на средината, а пред сè од страна на родителите, може да доведе до сериозни развојни последици, како и до сериозни импликации врз менталното здравје на детето и на возрасниот.
Ако знаете дека раната стимулација на развојот преку игра со вашето дете може само позитивно да влијае врз неговата ментална подготвеност, спремност и вклученост во светот и во животот, дали би издвоиле време за да ги обновите вашите заспани капацитети за игра?

Неколку сфаќања за значајноста на играта што директно се рефлектираат врз односот на родителот со детето

Играта е развоен и многу природен процес. Не познавам дете што не сака да си игра, верувам ни вие. Таа е универзален феномен, специфичен за сите деца и нејзиното постоење овозможува целосен развој на детето. Преку играта детето истражува и ја запознава околината, откако ќе ја запознае, ја менува и ја трансформира. Единствено кога играта ја користиме развојно, ние придонесуваме кон развој на проактивниот ум на детето, наместо само реактивниот. Така, актуелните невролошки испитувања потврдуваат дека играта активира нови и значајни невролошки центри со кои поадекватно се адаптираме и ја скротуваме комплексната реалност, учиме како да ги користиме нејзините ресурси, да се менуваме и да ја менуваме, а притоа да се чувствуваме многу задоволни и релаксирани.

Играта е забава и релаксација

Таа и впрочем првенствено ги обезбедува релаксацијата и опуштањето од стресот на живеењето. Децата во денешно време поминуваат низ поизразен стрес на живеење, се соочуваат со многу промени, неизвесности, со поизразени стравови и поизразена немоќ кај родителите да го држат тој стрес надвор од нивна свесност. Сето тоа многу често се излева кон децата, кои го примаат и толкуваат низ призмата на сопствената вина. Така играта овозможува комплексноста на живеењето да се сфати на еден лесен, опуштен и забавен начин, преку неа се играат ситуации кои се многу тешки за споделување, таа дава моќи со кои многу полесно се замислува животот.

Воедно, играњето на нашето дете нам ни овозможува поголема релаксација, нè спушта на под, каде што полесно ја соблекуваме маската на бремето и заедно со детето ја топиме на замислениот огин. Играта на под, опуштањето на телото, забавниот контакт со детето, трчањето и движењето, па дури и учење да се возат ролери на поголема возраст нам ни овозможува растоварување на бремето. Многу е позначајно да си дадеме дозвола да избегаме од целата „сериозност“ и одговорност барем за малку, па нека е и со изговорот: „Го правам за него и неговата игра“.

Играта е релациски феномен

Таа е можност за поврзување со другите, најзначајните, и потоа овозможува поврзување со себе, со нашата внатрешна реалност. Преку играта ние ги градиме односите, но и ги репарираме конфликтите и несогласувањата, сведочиме и споделуваме работи кои поинаку не би дозволиле да се кажат. Така возрасниот честопати го позајмува својот капацитет за разбирање и ги опфаќа и разбира нејасните чувства кај детето, за тоа преку играта да најде начин многу појасно да гледа во можното разрешување. Креирањето сигурна средина, средина на прифаќање, му креира и физиолошки сигнал кој го смирува детето, создавајќи безбеден меур во кој може да биде автентично и посебно.

Играта овозможува саморегулација

Преку играта се запознаваме себеси, нашите способности, можности, вештини, нашите емоции, реакции, потреби и однесувања. Преку играта детето учи, се поврзува, пробува и влијае на себе и на другите преку себе. Се адаптира на средината, ја користи како ресурс, но и ја менува и ја подобрува. Процесите на саморегулација се процеси на станување свој и независен во целиот капацитет и потенцијал кој го поседуваме во однос на средината што нè опкружува. Саморегулацијата дава моќ на успешно и независно дејствување.

Играта е комуникациски портал помеѓу родителот и детето

Многу пати играта е погоден момент за да се разменат многу суштински и честопати ранливи информации за состојбите во кои поминуваат и детето и родителот. Играта тогаш овозможува омекнување на стравовите од споделување и можна последица. Воедно, одредени правила на однесување како и очекувања во однос на однесувањето на детето многу полесно се пренесуваат преку играта. Родителот може многу јасно да утврди како се чувствува детето кога комуницира со него и што од она што го очекува во суштина не е разбрано од детето, или има одреден внатрешен конфликт, ама не знае како да го изрази.

Задача и прашања за саморефлексија за заинтересираните родители

Обидете се да направите опсервација на играта на детето и ваша опсервација во однос на играњето, и обидете се да дадете одговор на следниве прашања.

1. Која игра најмногу сака да ја игра и во која игра се задржува најмногу?
2. Дали само ја започнува играта, колку долго се задржува и дали очекува другите да го играат?
3. Како и колку се вклучувам во играта на детето? Во која игра најлесно ми е да се вклучам?
4. Со кои пречки и забрани се соочувам за мое, како родител, вклучување во играта на детето?



912

X