Игрите со кинетички песок може подолго време да го окупираат и ангажираат детето во некој тип активност бидејќи текстурата на песокот е мека, порозна и лесно се лепи, т.е. модификува. Овие игри се едноставни, но можат да бидат забавни, релаксирачки или едукативни доколку се структурирани, а сепак да го стимулираат развојот на детето.

Препорачувам неколку:

Игра пишуваме/цртаме. Добро притиснете го песокот создавајќи рамна површина, земете чепкалка за заби или друг соодветен материјал кој личи на стапче и почнете да пишувате или да цртате. На таквата рамна површина можете да ги исцртувате и учите броевите или буквите. Верувајте дека преку играта детето побрзо ќе ги запомни.

Игра на количина. На пример, правите колачи од песок, поканувате гости. Го поттикнувате детето да брои колку животни дојдоа да ве посетат и колку колачи имате, да размислува дали е доволно за секого или треба да зготви повеќе?

Игра на големина. Може да изградите кули од песок, да формирате топчиња со различни големини и да ги наредите по големина од најмало до најголемо и обратно.

Игра на должина. Од песокот направете неколку гасеници и барајте од детето да одреди која е подолга, а која е најкратка. Барајте од детето да ги нареди, односно да претстави како изгледаат додека растат.

Игра на фигури. Моделирате различни фигури и барате детето да ги именува, триаголник, квадрат, круг, топка, правоаголник, коцка. Можете да изградите куќа од триаголник и квадрат.

Игра на букви. Овде не пишувате букви, туку ги моделираме од кинетички песок.

rbt

Користење ножици или нож. Од песокот формирате колбас или леб, потоа барате од детето да го пресече со нож на неколку парчиња. Откако ќе го исече лебот, потребно е да ги изброи бројот на парчиња што произлегле.

Игра со приказни. Со помош на кинетичкиот песок можете да создадете многу интересни кутии, т.е. макети за допир и игра. На пример, направете градина, изградите фарма и населете ја со животни, сè зависи од вашата имагинација. Исто така, може да создадете макета од некоја прочитана приказна и потоа да ја одиграте во тој простор. Ваквите игри имаат терапевтски ефект врз детето.

Игра на богатство. Децата сакаат да си играат „скриено богатство“ со кинетички песок. Го замолувате детето да се сврти, сокривате мали и ситни играчки во песокот, а потоа барате да ги најде во длабочините на песокот.

Игра со траги. Израмнете го песокот така што ќе добиете мазна површина. Потоа на оваа површина допирајте со животни – играчки, автомобили или слично и гледате какви траги остануваат. Целта е детето да ги проучува отпечатоците оставени на песокот и да се обиде да погоди кому му припаѓаат. Можете да оставите траги и на кинетичкиот песок со помош на дланките и стапалата на детето доколку е потребно да му објасните што значи таа трага.

Ова може да биде и квалитетно време поминато со вашето дете или прекрасна активност во предучилишните занимални.



912

X