Секое ново искуство што детето го доживува – било тоа да е звук, движење, допир или мирис – создава нови нервни врски во мозокот. Тие врски се нарекуваат синапси, а колку повеќе стимули добива детето, толку повеќе неговиот мозок „расте“ и учи да обработува информации побрзо и поефикасно. Најубавата вест? Не ви треба скапа опрема или специјални програми – доволни се игра, љубопитност и секојдневие полнo со нови искуства.
Како играта создава нови синапси?
Кога детето се движи, зборува, пробува нешто ново или решава мал предизвик, неговиот мозок постојано прави нови врски меѓу невроните. Тоа ги зајакнува памтењето, вниманието, концентрацијата и решавањето проблеми. Затоа, играта не е губење време – таа е најдлабоката форма на учење.
Игри и активности што го поттикнуваат мозокот дома
1. Игри со допир и текстури
•Направете „сензорна кутија“ со ориз, грав, песок, копчиња или памук.
•Скријте мали предмети и детето нека ги бара само со допир.
•Прашајте го: „Што мислиш дека е ова?“ – тоа го активира сетилниот и говорниот дел од мозокот.
Зошто е корисно: го поттикнува сетилното препознавање, концентрацијата и вербалната експресија.
2. „Слушај и препознај“
•Правете звуци (ѕвонче, тапанче, капка вода, мјаукање).
•Детето треба да го препознае звукот и да покаже од каде доаѓа.
•Подоцна можете да додадете и движење – „кога ќе чуеш тапанче, скокни!“
Зошто е корисно: ја развива аудитивната перцепција, вниманието и брзината на реакција.
3. Мозочни предизвици
•Подгответе 3 предмети, детето нека ги запомни, па скријте еден – кој недостига?
•Или направете „мисловна шеталка“ – кажете му низа задачи: „Оди до столот, допри ја играчката и донеси ја лажицата.“
Зошто е корисно: го зајакнува работното памтење и следење инструкции.
4. Креативни комбинации
•Дозволете му да спои неочекувани работи: боја + листови + ориз = уметничко чудо!
•Креативноста е директен пат до развој на нови синапси бидејќи мозокот се „труди“ да пронајде нови решенија.
Зошто е корисно: поттикнува креативно размислување и самодоверба.
5. Игри со движење
•Скокање преку перници, ползење под маса, газење по различни површини.
•Комбинирајте инструкции: „Скокни на едната нога и кажи ја бојата на топката!“
Зошто е корисно: ја поврзува моториката со когнитивните процеси – движењето буквално го буди мозокот.

6. Игри со мириси и вкусови
•Покријте му ги очите и нека погодува мириси (цимет, кафе, лимон).
•Играјте „погодете по вкус“ со овошје или зеленчук.
Зошто е корисно: ја развива мултисензорната перцепција и способноста за поврзување на сетилата.
7. Мали промени – голем ефект
•Менувајте ја секојдневната рутина: нов пат до продавница, поинаков прибор за јадење, промена на местото на предмети.
•Секојпат кога мозокот мора да се „престрои“, создава нови врски.
Зошто е корисно: поттикнува флексибилност и адаптибилност – клучни за учење и справување со промени.
Сетилни (сензорни) активности
Развиваат нови синапси преку активирање на допир, мирис, вкус, слух и вид.
1.Кутија со тајни предмети – стави предмети со различна текстура (меко, грубо, студено, мазно) и детето со рака нека погодува што е.
2.Сетилен песок или ориз –обој ориз со прехранбена боја, нека истура, копа, крие предмети – одлично за мозочна интеграција.
3.Мирисни теглички – ставете во теглички зачини (цимет, ванила, кафе) – нека ги разликува по мирис.
4.„Топло – ладно“ со раце – едната во чаша со топла вода, другата во студена вода, потоа да опише што чувствува.
5.Игри со сапуница или пена – истурање, дување, создавање меури.
Фина моторика и координација
Ја активираат мозочната кора одговорна за контрола и внимание.
1.Штипки на линија – нека закачува и откачува штипки според боја.
2.Нижење перли/макарони – на конец или сламка, за концентрација и контрола на движењето.
3.Копчиња во кутија – различни големини, нека ги класифицира.
4.Сечење по линија со детски ножички – одлична прецизност.
5.Игри со пластелин – мачкање, валкање, моделирање животни, букви, форми.
Груба моторика (големи движења)
Помага во создавањето нови синапси преку координација и рамнотежа.
1.Скокање, баланс на линија, мини-патека со перничиња.
2.Препреки дома – перници, тунели, столови за преминување.
3.Фрли и фати – топка, перница, џемпер, па и мека играчка.
4.Танц со инструкции – „Скокни два пати“, „Заврти се“, „Допри нешто црвено“.
5.Јога за деца – пози на животни (мачка, дрво, жаба) – смирува и гради телесна свесност.
Јазик и комуникација
1.„Кажи што гледаш“ – секојдневно именување предмети, бои, звуци.
2.„Збор по збор“ – родителот почнува приказна, детето додава по еден збор.
3.Опиши со допир – детето држи предмет во кеса и го опишува без да го види.
4.Звучни приказна – кажи приказна со звуци (на пр., дожд – тапкање, ветер – дувкање).
5.Сортирај предмети по звук – кои почнуваат на „м“, „с“, „б“.
Игри за логика и меморија
1.„Каде се крие?“ – скриј предмет и дај му насоки со поими „топло – ладно“.
2.Погодок со опис – опиши животно или предмет, детето да погоди.
3.„Што се смени?“ – промени нешто во собата, нека забележи што недостига.
4.Меморија со картички – класична, или домашна верзија со фотографии од семејството.
5.„Намести ја приказната“ – расфрлани слики, детето ги реди во редослед.
Емоционална и социјална интелигенција
1.Игри со огледало – имитирање изрази на лица.
2.„Како се чувствуваш денес?“ табла – со слики/емотикони за избор.
3.Игри со кукли – изразување емоции и решавање конфликти преку улоги.
4.Благодарности пред спиење – секоја вечер нека каже три работи за кои е среќно.
5.„Помогни ми“ игра – родител бара помош за некоја активност, детето учи емпатија.
Најважната стимулација не доаѓа од играчките, туку од вас. Кога детето е љубопитно, охрабрено и поддржано – мозокот учи со радост. Затоа секоја интеракција, секој поглед и секој заеднички момент е дел од неговиот невронски раст. Нема „мали“ игри кога тие го развиваат мозокот. Секојдневните активности – од готвење, шетање, до пејачки игри – можат да создадат илјадници нови синапси. Детето не мора да учи од тетратка. Најдобро учи – кога ужива.