Мали игри без граници беа организирани вчера во Основното училиште „Аврам Писевски“ во скопската населба Бардовци. На тој начин беше одбележан Меѓународниот ден на спортот за развој и мир (6 април). Скокање во вреќа, тегнење јаже, штафетно подавање вода, играње одбојка… беа дел од активностите во кои учениците беа вклучени во текот на вчерашниот ден.
Олимпизмот и спортот беше мотото под кое се одржа манифестацијата. Македонскиот олимписки комитет на училиштето му донира спортска опрема и реквизити – топки за фудбал, кошарка, ракомет, одбојка.
Училиштето доби и нови мрежи за обрачите за кошовите и головите. Донирани се и едукативни материјали, книги и брошури кои ги поттикнуваат младите да спортуваат, како и дополнителна спортска опрема за нормално одвивање на тренажниот процес.
На настанот, кој се одржа во училишниот двор, присуствуваа поголем број спортски работници, наставници по физичко воспитание и образование, претставници од Македонскиот олимписки комитет, како и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев. Успешните училишни спортски лиги што се реализираат во оваа населба се доказ дека се става важен фокус на спортот, истакна Богоев.
Директорката на „Аврам Писевски”, Матилда Бајкова, ја истакна заложбата на училиштето за вклучување на учениците во голем број вонучилишни активности кои само ќе ја развијат нивната креативност.
Неодамна се одржа и активност со родителите на учениците кои заеднички засадуваа семиња и коренчиња од разни билки и растенија како подготовка за веќе испарцелисаната градина во дворот на училиштето, како дел од проектот „Наша градина“.