Воспитување

Не мора да сте дел од секоја игра на детето. Ако го оставите да се досадува, му правите услуга

Ако не сте меѓу оние малобројни среќници чии деца цел ден самостојно си играат во домот, веројатно се прашувате што е најдоброто што можете како родител да го направите во овие вонредни околности и за себе и за детето.

Веднаш да разјасниме: играта на вашето дете не е воедно и ваша обврска. И веднаш да додадеме дека тука постојат неколку „но“, кои сигурно добро ќе ги разберете. Имено, постојат неколку ситуации во кои сте му потребни на детето во играта. Заедничката игра на детето и родителот секогаш е убав момент кој обезбедува меѓусебна поврзаност, отвора нови аспекти на запознавање, а некогаш и вистинска забава за сите што играат.

Покрај тоа, вашата улога е важна кога е во прашање давањето дополнителни идеи за игра. Тука треба да се биде внимателен. Ваша задача е повремено да го упатите детето во некои нови игри, да му покажете нешто што не го знаело, да иницирате некои активности што се нови за детето. И тоа е тоа. Не морате да дежурате со часови бидејќи детето е способно самостојно да игра. А и ако моментално не е, ќе биде! Ако е детето веќе големо, можете да разговарате со него за тоа како може во овие услови да го помине своето слободно време. Сето тоа спаѓа во давањето идеи и предлози.

Тоа што детската игра не е ваша лична обврска не значи дека треба да го запоставите или исклучите детето. За децата е добро со родителите да ги делат секојдневните работи, да учествуваат во подготовка на оброци, средување на заедничкиот простор, тераса или градина, бидејќи така се чувствуваат важни. Од тие активности дури може да добијат некоја идеја за нова игра.

Меѓутоа, вашето присуство во играта не е потребно во текот на целиот ден. Родителите често грешат во тоа што се обидуваат во секој момент да го забавуваат детето. Со тоа на детето му испраќаат порака дека секогаш ќе бидат присутни и дека нема да дозволат детето да се соочи со досада. А ќе признаете и сами, тешко е да се остане доследен на тоа, а на крајот на краиштата, тоа не е ниту она што на детето му е потребно. Децата некогаш умеат да бидат упорни, да ве молат, да плачат или да се лутат бидејќи вие баш во тој момент не можете да им посветите време на трките со автомобили или диносауруси. Тогаш е важно да не потклекнете бидејќи детето ќе почне да го користи бесот и плачот како оружје при условувањето да се вклучите во неговата игра. Сосема е во ред на детето да му кажете: „Сега не можам да си играм со тебе, но ќе можам подоцна“, „Може да играм малку, а потоа морам да завршам својата работа“, или „Додека ова не го завршам, играј си малку сам, а потоа ќе дојдам“ итн. Со текот на времето детето ќе сфати дека може самостојно да си игра. Исто така, охрабрете го и убедете го дека тоа навистина го може.

Во текот на оваа вонредна ситуација потенцијалната досада на детето може да резултира со вредно развојно напредување на различни аспекти. Ако го пуштите детето да се досадува, не правите ништо лошо, напротив, му правите услуга. Дури по неколку дена ќе забележите дека детето:

Станува независно – се потпира на себе, сопствените способности и сила, не му е непознато да проба да прави нешто самостојно, помалку ја бара вашата помош.

Развива нови интереси – открива нови активности во кои добро се снаоѓа.

Развива креативност – доаѓа со нови игри или целосно нови идеи кои настанале со спојување на неколку активности што вам можеби не ви ни паднале на ум.

Стекнува самодоверба – забележувате дека е посигурно во себе, постабилно, дека развива гордост и дека сака да се пофали со нешто што го направило, спознало или постигнало.

Полесно разбира дека имате и вие ваше време – умее самостојно да се заигра кога ќе му кажете дека во моментот не можете да ја прекинете својата работа или продолжува да си игра без вас кога по заедничката игра ќе му кажете дека морате да се вратите на своите обврски (тоа не го растажува).

Има подобро концентрација – колку почесто самостојно игра, успева подлабоко да влезе во својата активност и да се препушти, што е добар показател дека ќе може да се фокусира и да се врати на она што го прави и покрај прекинувањето.

Подобро спие и јаде – детето што се сретнало со досада и не се плаши од неа, полесно се смирува навечер пред спиење, не плаче и не бара цртан филм за нормално да јаде или да заспие.

Досадата е главен мотор-покренувач на создавањето и играта. Константното обезбедување стимулации за детето дава само моментални ефекти, додека за долгорочни ефекти е важен токму тој „празен од“ кога детето е препуштено на себе. Тоа тогаш на свој начин се прашува: „Што ќе правам сега“, „Што сакам да правам“, „Како сакам да го правам тоа?“, „Како да си играм кога не можам надвор?“ и слично. Затоа, ако детето се пожали дека му е досадно, нема причина веднаш да му понудите ТВ-програми или интернет-содржини бидејќи тие не се ниту приближно забавни, инспиративни и корисни колку што би била самостојно креираната игра од детето. Преку цртаните филмови детето нема да ја намали досадата, само краткорочно ќе ја потисне и ќе се навикне на неа, што секако не е целта.

Автор: Тамара Костиќ, психолог за образование

Извор

Поврзани написи

To top