Играта има големо влијание врз детскиот развој, односно претставува постулат за усовршување, стимулирање, вежбање на моторичките вештини (грубата и фината моторика), когнитивните вештини, социјалните вештини и поттикнување и стимулација на говор. За да може детето да се запознае со некоја вештина/активност или, пак, да се стимулира, најдобар начин на учење и повторување е низ играта. На детето му се задржува вниманието на начин соодветен за неговата возраст и неговите можности.

Играта и когнитивниот развој

Играта помага да се постави добар темел за понатамошно усвојување и учење за развивање способности, креативност и имагинација, како и јакнење на самодовербата и односот со врсниците. Во текот на играта и во текот на учењето се присутни когнитивните вештини. Детето низ игра им дава важност на нештата и луѓето околу него. Играта позитивно влијае врз креативноста и социјалните вештини. Низ играта се учат и математичките способности (собирање, одземање). Во играта децата го слушаат јазикот на возрасните и на своите врсници со тоа што се запознаваат со нови зборови и реченици.

Играта и емоционалниот развој

Новороденчето комуницира со околината уште кога ќе се роди и со плачот укажува на тоа што не му одговара. Во првата година од животот кај бебето се забележува среќа, тага, лутина. Со помош на друштвените игри и самостојната игра на детето му се дава можност да ги развие способностите за друштвеност, емпатија, комуникација и самоконтрола. Играта дава можност за социјализација и можност да ги изразува своите емоции. Игри кои може да ги вклучите за емоционален развој: препознавање на емоциите според изгледот искажан преку картички, именување и препознавање на емоцијата од картичката (овие предлог-игри може да ги играта и во друштво).
Играта и социјалниот развој
Поимот социјализација означува друштвеност на човекот и дејствување на друштвеноста во обликување на човечката способност. Значаен аспект во развојот на детето се играта и интеракцијата со врсниците. Самата игра нуди можност за блискост и приврзување, усвојување правила и норми.

Играта и телесниот развој

Низ играта се одвива детскиот телесен развој со усовршување и поттикнување на моториката. Различни движења и нивна координација се вклучени во моторичките активности (фина и груба моторика). Вклучени се игри со скокање, трчање, лазење, игри со топка, редење кули од коцки, нижење ѓердан од макарони, вртење хулахоп и протнување низ него, игри со пилатес-топка. Целта е да воспостави и око-рака координација, да се стимулира спретноста на прстите и рацете. Со низа од овие игри на детето му се дава можност моторички да се развие, а со тоа доаѓа и занимливоста за играта бидејќи се вклучени игри со движења. Децата спонтано ги одбираат активностите за кои се чувствуваат најдобри. Во овие игри се гради самодовербата, јакнењето на концентрација, снаодливоста, можноста да експериментира, да биде креативно, а родителот е во улога на поддршка и охрабрување на детето да го стори тоа самостојно.
На децата што имаат тешкотии во делот на координација на движењата им се дава можност да изберат игра која може да ја реализираат или, пак, со помош на играта се стимулира дел од развојот.

Играта и целокупниот развој

Играта е целовита и сложена активност со која детето најмногу се забавува, а сите аспекти од развојот на детето се манифестираат низ игра. Играта може да биде забавна и слободна, а децата со играта го запознаваат светот, ја истражуваат околината. Децата низ играта учат социјални правила, решавање проблеми, се натпреваруваат со врсниците. Децата со играта, исто така, го прикажуваат и својот внатрешен свет, ги изразуваат желбите, стравовите, ги искажуваат емоциите. Се развиваат и функциите на концентрација, контрола на импулси и саморегулација на однесување. Се развиваат и телесни способности, когнитивни вештини. Светот на играта овозможува учење и запознавање со себе, со други и со околината.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација



912

X