Воспитување

Играњето надвор, на отворено, ги прави децата попаметни

Истражувањата покажуваат дека вежбањето, без разлика дали се работи за тимски или индивидуални спортови, па дури и само излегувањето надвор нè прави покреативни и повнимателни кога ќе се вратиме на нашите работни задачи. Исто така, ни помага да ја зајакнеме меморијата, слично како и мускулите во телото.

Во една студија направена на Универзитетот во Северен Тексас истражувачите откриле дека аеробната активност кај децата доведува до подобри резултати на тестовите за читање и математика. Научниците од Универзитетот во Илиноис користеле магнетна резонанса и ја измериле големината на мозокот и откриле дека физички активните деца на девет и десет години имаат поголем хипокампус од неактивните деца на нивната возраст, а исто така имаат подобри резултати на тестовите за меморија.

Во текот на истражувањето професорот по психологија Чарлс Хилман нашол докази дека децата што трчаат и играат по 70 минути дневно покажуваат подобри когнитивни способности од оние што не трчаат.

Зошто вежбањето е од суштинско значење за когнитивните способности?

„Има многу различни механизми. Не ги разбираме сите, но еден од основните е дека тоа е одговор на кардиоваскуларните вежби, протокот на крв се зголемува. Крвта носи кислород, кој го храни мозочното ткиво. Другиот дел е дека заштитните клетки се зголемуваат за време на вежбањето, а тоа има врска и со меморијата, меѓу другото“, вели Хилман. Дури и основната физичка работа ја подобрува функцијата на мозокот. „Ако ме замолите да ви го осмислам совршениот училиштен ден, часовите ќе траат 45 минути, со паузи од 10 до 15 минути, каде што децата ќе излезат надвор и ќе бидат физички активни“, продолжува тој.

Човечкиот мозок еволуирал за да се интегрира и да реагира на сигналите од сите пет сетила, а не само од видот, што може да објасни зошто кинестетичките и тактилните дразби се поттик за учење.

Повторливите, ритмички, мултисензорни активности како што се скокање, прескокнување јаже, танцување и фрлање топка – го зајакнуваат телото, а не само умот, помагајќи ни подобро да ги апсорбираме информациите и да ги задржиме подолго. Движењето, особено кога е пријатно, исто така му олеснува на нашиот мозок да ги заврши задачите.

Колку вежбање им треба на децата?

Насоките за физичка активност на децата биле објавени во извештајот на Советодавниот комитет при Министерството за здравство на САД. За деца на возраст од 6 до 17 години, се препорачува секој ден да имаат по еден час умерена до енергична активност. Она што се разликува од минатите извештаи се препораките за помалите деца. Децата од градинка на возраст од три до пет години треба да бидат „активни во текот на денот“.

Тимските спортови и организираните активности се одлична вежба, но независната и неорганизирана игра е исто така многу важна. Кога не треба да реагираат на надворешни команди и упатства од пријатели или тренери, децата многу подобро ја развиваат својата имагинација. Според последните истражувања, мечтаењето е знак на интелигенција и канал за многу поголема креативност.

Автор: Ема Јуриќ

Извор

Поврзани написи

To top