Мал е број на играчки со кои децата толку долго играат и ги користат за различни активности…

Со коцките се усовршуваат движењата на раката и на дланката, а сознанието дека една поголема може да го заземе местото на неколку помали, дека можат да се групираат – придонесува за разбирање на математиката во подоцнежниот период. Затоа е важно со коцките да си играат и девојчињата и момињата

Градење и рушење

Играјќи со коцките и сложувајќи ги, детето почнува да го гледа светот во три димензии, стекнува чувство за просторот. За тоа му треба цврста подлога на која ќе игра, најдобро на подот, и поголем простор за да може да гради, да руши и повторно да гради. Некогаш децата се обидуваат да изградат кула од врвот надолу.
Не треба да ги спречувате во тоа, без оглед колку ви се чини необично или невозможно. Всушност, да не беа „невозможните идеи“, возрасните не би ги имале своите омилени играчки (мобилен телефон, лаптоп…).
Рушењето на кулата исто така е важно и не треба да му се лутите на детето кога ќе го сруши тоа што вие сте го изградиле. Тоа така учи дека може да влијае врз нешто и да го промени. Чувството на моќ што тогаш го има детето ќе му помогне да порасне во самоуверена личност.

Безброј комбинации и идеи

Експертите велат дека деца од 4 и 5 години едвај можат да започнат нешто кога играат со готови играчки, како што се кукли, кадифени играчки или електрични возови. А со коцките не може ни да се замисли бројот на комбинации што детето може да ги направи, и тоа на мала возраст.
Дури ни звучните ни светлосните ефекти од играчките по некое време не пробудуваат интерес кај нив затоа што секогаш се повторуваат на ист начин.
На детето не треба да му покажувате што се прави со коцките, тоа само ќе открие.

Свесна контрола на раката

Со полни 4 месеци бебето сè повеќе ги контролира движењата на раката. Тоа значи дека е помалку присутно рефлексното фаќање и дека се појавува смислено фаќање на предметите што се на дофат.
Помеѓу четвртиот и шестиот месец се јавуваат првите знаци на координацијата рака-око и обидите да се дофати играчката. Затоа треба да се одбираат играчки со јасни и живи бои (црвена, жолта, сина, зелена), а подлогата на која се играчките треба да биде во спротивна боја за да може бебето да ги уочи. Бидејќи сè уште не може добро да го процени растојанието до играчката, често промашува кога ќе посегне по нешто.

Бебе со полни пет месеци може целосно да ја отвори дланката со одвоен палец, така што почнува да фаќа, во почетокот поголеми предмети, а подоцна и поситни. Ако му дадете коцка, ќе ја фати со цела дланка, а набрзо ќе почне и да гледа друга додека една држи в рака.

Фаќање и досeгнување

Следната фаза е фаќање предмети со двете раце, удирање една играчка од друга, потоа фрлање и ослушнување што ќе се случи. Цело време бебето ги става играчките в уста за да ги истражува, но како што почнува да доминира потребата за ново искуство – допирот, тоа сè поретко ќе се случува.
Во овој период треба да се поттикнува фаќањето играчки што висат, топки во различна големина, префрлање помали играчки од една во друга рака (мали топки), фаќање играчки со двете раце (поголеми топки), држење играчка во една рака и посегнување по друга додека е во седечка положба. Фаќањето и достигнувањето се многу важни и сложени вештини кои бебето треба да ги совлада и да ги усоврши, за што му е неопходна помош од родителите.

Самостојна игра

Од моментот кога ќе почне да седи и да си игра, коцките што може да се редат една над друга како кула се погодни за голем број стимулации на моторниот развој. Може да се најдат во различни варијанти – поголеми, помали, во разни бои и форми. За бебиња помали од една година погодни се коцките обложени со ткаенина, а за поголемите деца – коцките од дрво зашто се долготрајни.
За да биде подобра стимулацијата, добро е да изберете коцки во живи бои, и тоа оние што можат да се редат една врз друга. Бидејќи се направени од цврст материјал – дрво или пластика – детето без проблем ќе може да ги удира една од друга и да произведува звуци. И сите други наведени активности што ја поттикнуваат моториката на раката во оваа возраст може да се стимулираат со коцки.

Игра со криење

Во осмиот месец, кога детето ќе почне да бара скриен предмет, тоа може да биде мала коцка или некоја ситна играчка поклопена со голема коцка. За вежбање фрлање и следење каде завршила фрлената играчка, исто така може да се користат коцки зашто се отпорни на удари и нема да се стркалаат многу далеку како топка.
Од 12-тиот месец потребно е повторно (дополнително) да се стимулираат манипулативните способности и координацијата око-рака. Детето треба да држи една играчка и истовремено да ја допира со друга, да ја преместува од една во друга рака, да става помала коцка во поголема, да ги фрла коцките, да си игра со три предмети истовремено.
Со 15 месеци детето може да држи два до три предмети во една рака, а некои деца може и да градат кула од две коцки. Но сите ќе можат да го направат тоа веќе од 12 месеци.

Автор: Снежана Милановиќ, терапевт

 



912

X