На крајот на учебната 2020/2021 година бројот на учениците во редовните основни училишта во Македонија изнесувал 185.925, што претставува зголемување за 0,1 % во однос на претходната учебна година. Истовремено, во редовните средни училишта бројот на учениците на крајот на учебната 2020/2021 година изнесувал 71.176, што е зголемување за 4,2% во однос на претходната учебна година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Според податоците, во учебната 2020/2021 било отворено едно редовно основно училиште, па од 979, колку што биле во 2019/2020, минатата учебна година бројот се зголемил на 980. Бројот на ученици во редовните основни училишта се зголемил за 137 ученици – од 185.788 на 185.925 ученици. Истовремено, бројот на паралелки се зголемил за 119 – од 10.866 во учебната 2019/2020 на 10.985 во учебната 2020/2021.
Во редовните основни училишта во учебната 2020/2021 година предавале 19.336 наставници, од кои 16.453 се со полно работно време. Тоа се 632 повеќе наставници од претходната учебна година, кога во редовните основни училишта предавале 18.704 наставници.
Забележано е намалување на бројот на специјални основни училишта, од 43 на 41. Бројот на паралелки во овие училишта останал ист (175) иако се бележи благ пораст на учениците – од 741 на 762. Во специјалните основни училишта во учебната 2020/2021 работеле 280 наставници.
Податоците покажуваат дека има мал раст на бројот на лица запишани во основни училишта за возрасни, каде што во учебната 2019/2020 учеле 419 лица, додека минатата година учеле 453 лица. Но, бројот на ваквиот вид основни училишта останал ист (12), а бројот на паралелки се намалил од 45 на 43. Во овие училишта минатата учебна година работеле 61 наставник.
Податоците на ДЗС покажуваат дека во 715 основни училишта во Македонија наставата се изведува на македонски јазик. Тоа се вкупно 118.288 ученици кои наставата ја изучуваат на македонски. На албански настава се изведува во 292 училишта, во 62 на турски, во 5 на српски и во 2 на босански.
Интересни се и податоците за успехот на основците. Од вкупно 185.925 основци, 64.295 се описно оценети. Тоа значи дека остануваат 121.630 основци кои се оценуваат со оценки. Од нив дури 70.299 одделението го завршиле со одлична оценка, 24.218 со многу добра, 17.591 со добра и 8.594 со доволна. Повторувале 489, а неоценети биле 439 основци.
912