Воспитување

И со скапа облека и со црно под ноктите, децата се најубавото нешто на светот. Фотографиите на Горан Анастасовски и на Боред панда

Неважно дали се од улица или од богато семејство, сите деца се исти – најубавите и најневините нешта на светот. Да ги сакаме и да се грижиме за нив, вели македонскиот фотограф Горан Анастасовски, претставувајќи ја својата најнова колекција фотографии од деца, деновиве објавена на Боред панда, еден од водечките светски портали за поп-култура и уметност.
Оваа колекција на Анастасовски е патување до насолзените детски очи, до широката насмевка, измачканите усти, до црното под ноктите… Сите различни, а сите исти.

– Децата се деца и тие се најубавото нешто на светот. Ги направив овие фотографии како доказ дека сите деца се убави и слатки – вели Атанасовски за „Боред панда“.

Горан Анастасовски

Фотографиите на Атанасовски последните години беа дел и од британскиот „Дејли мејл“, американскиот Еј-би-си, Инсајдер, Нешнл џиографик… До нив објективот на Анастасовски ги „носеше“ нашите природни убавини, градските светла и сенки, а најчесто животните од скопската Зоолошка градина.

– Единствено нешто што е посимпатично од животни-бебиња е гушнати животни-бебиња. Повеќе од 13 години камерата на фотографот Горан Анастасовски е свртена кон нежните портрети на животните – напиша „Инсајдер“ пред неколку месеци, а Еј-би-си, фотосеријалите на Атанасовски од скопската ЗОО ги стави под заглавјето – Како една зоолошка градина ги рефлектира личностите на животните.

– Фотографирањето животни е мојата најголема страст и ако успеам да направам барем еден човек повеќе да се грижи за животните, сум ја постигнал целта. Со секоја фотографија што ја снимам целта ми е да ја доловам не само убавината на животното, туку и хуманоста на животните и нивната способност да бидат грижливи и да искажуваат љубов – вели Анастасовски.

Британскиот „Дејли мејл“ го нарече кралот на фотографијата, а француски „Фигаро“ ги стави неговите леопарди на својата „дуплерица“.

Ако не го најдете зад фотоапаратот по скопските сокаци, побарајте го во скопската зоолошка, каде што често ги прави фотографиите.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top