Болката ќе помине, но повредата не поминува. Емотивната повреда остава трага. Затоа што дете кое во својот родител гледа крило, заштита, свој свет, кога е удрено, доживува како да му е одземено буквално сè, посочува  Соња Угриновска, лиценциран психолог и  семеен и системски советник

Во разни ситуации при комуникација родител-дете често трпението лесно се губи кога станува збор за дисциплинирањето на децата. Со психологот и семеен и системски советник Соња Угриновска поразговаравме за тоа како удирањето на децата, кревањето рака влијае врз детскиот мозок, има ли позитивен исход од воспитувањето со плескање по задник, по рака, тегнење за уво, шлаканица…

Дали некој родител се чувствува добро ако некој друг го плесне неговото дете?

– Воспитувањето, во суштина, е комплексна задача. Родителите влегуваат во тој процес со сопственото искуство, низ генерации носени стекнати впечатоци, со своите знаења и вредности, со својата љубов, но и со својата траума и имаат уште една задача да ги приспособат заедно своите воспитни ставови. И кога ќе погрешат на ваков начин со воспитувањето, најчесто кажуваат дека изгубиле трпение. Тоа било резултат на уморот, секојдневните барања што мораат да ги задоволат, од упорноста која не вродила со плод, од непочитувањето од страна на децата. Но ајде да размислуваме вака, дали некоја мајка или грижлив родител се чувствува добро ако некој друг го плесне неговото дете? Не. Тоа треба да биде доволен мотив за да разбереме дека некои работи излегле од контрола – посочува Угриновска.

Според неа, применувањето казна во воспитувањето како воспитна мерка е присутно, треба и да соодветствува на возраста и развојот на детето, но тенка е границата меѓу последиците што треба да ги уочи детето од лошата постапка, а личноста да не трпи навреди и повреди и казна, без разлика дали тоа е тепање, строг критички поглед со висок навредлив тон или упатување етикети, пцости и бркање надвор.

– Бидејќи е јасно дека личноста на младиот човек или тоа дете страда, што го покажуваат и многу изјави на тие лица – дека не можат да го простат тоа, мојот став е дека постои само еден начин на решавање на работите, а тоа е длабоко разбирање со почит и заинтересираност за решавање на конфликтот. Тоа значи спремност за учење и запознавање на своите деца. Детето е во развој секојдневно. Ако можеме да сме будни и внимателни да забележиме која стимулација му е потребна и каде му треба помош, тогаш многу работи ќе бидат разбрани поинаку. Сензитивноста и од овие навидум безопасни мерки може да е многу голема кај деца во развој и особено кај деца со АДХД и АДД, па затоа треба многу да се внимава на пристапот – категорична е Угриновска.

Чинот на насилство создава физичка и емотивна болка

Родителите знаат да речат дека тоа не е тоа класично тепање, ниту насилство, туку воспитна мерка, затоа што не го удираат за да го повредат детето, туку за да го дисциплинираат, но според психологот Угриновска, секој удар е насилство.

– Болката ќе помине, но повредата не поминува. Емотивната повреда остава трага. Затоа што дете кое во својот родител гледа крило, заштита, свој свет, кога е удрено, доживува како да му е одземено буквално сè. Детското мозоче има во себе идеја за родителот како безбедно место и заштитник, а тогаш му го рушиме тоа безбедно место бидејќи сензитивноста кај децата тука игра голема улога – истакнува Угриновска.

Како децата го доживуваат и преживуваат удирањето, како секој удар, штипење, тегнење, скубење се одразува врз нив? На што всушност ги учи удирањето?

– Чинот на насилство создава физичка и емотивна болка. Кај децата се јавува чувство на разочарување, тага, огорченост, немоќ, пониженост и многу други непријатни емоции кои влијаат врз нивната личност. И добиваат впечаток дека не им се простува. Најпосле, овие деца учат дека моќта се постигнува со тепање, а не преку алтернативни методи, па и самите често почнуваат да стануваат агресивни. Ако во овој чин се обидеме да го разбереме родителот, тој е во заблуда дека неговото дете не го разбира кога се обидува да повтори неколку пати дека нешто не е во ред. Родителот е во заблуда дека ваквиот чин на мерка ќе го освести детето зашто, во суштина, не е спознаено дека освестувањето може да се постигне на друг начин. Освестувањето е амбиент и дразби кои треба природно да доведат до поголема концентрираност и фокус на нивните деца, а тоа се постигнува преку мирна средина и атмосфера, добар сон и исхрана и разбирање преку љубов – објаснува психологот и семеен советник Угриновска.

Наполнете го резервоарот на љубов

– Му се восхитувам на еден психолог кој вели: Наполнете го резервоарот на љубов на вашето дете, секогаш кога имате можност, затоа што секогаш треба да биде полн. Многу предизвици се решаваат баш на тој начин, затоа што сѐ потекнува оттука. Од друга страна, психолозите советуваат квалитетно поминато време со децата, а тоа значи посветеност на детето со присутна концентрација, гледање в очи, разговарање и уважување на детските потреби и идеи. Конфликтите кај децата не потекнуваат од премногу внимание, внимание никогаш не е премногу, потекнуваат најчесто од невоспоставени правила и граници – истакнува Угриновска.

Во процесот на воспитување кога некое дете греши, подобро е да започнете да истражувате како тоа ги разбира правилата, смета таа.

– Можеби е време некои правила да се дискутираат, да се преформулираат и одново да се постават. Можеби е подобро наместо казна, да се користи негативно поткрепување, што во основа е губење на некоја привилегија и тоа додека не се коригира однесувањето, а тоа да соодветствува со реалните можности и потреби на децата. Разговарајте за тоа како се чувствува и колку ги разбира последиците од лошото однесување. Дете кое е во развој не ги разбира последиците доволно и нема да ги разбере со насилство. Дете кое има развојни тешкотии е сензитивно и бара приспособување на родителот. Затоа нема еден готов рецепт за воспитување дете, детето мора да се запознава одново и одново… но сигурно е дека тепањето е недозволиво – завршува Угриновска.



912

X