Принудени од вонредната состојба, многу родители своите работни обврски ги завршуваат дома. Ако добро се изменаџира времето, и детето се чувствува незапоставено и задоволно, тогаш сме ги направиле вистинските чекори

Славица и Александар Трајановски се програмери, па и двајцата деновиве работат од дома во друштво на нивниот двегодишен син Димитриј. Велат дека Димитриј е многу приврзан за нив и бара комплетно внимание, па и знае да им се налути кога ќе види дека и двајцата работат и не успеваат да му го посветат вниманието што го бара.

Ваква, или слична е ситуацијата во повеќе домови деновиве. Принудени од вонредната состојба многу родители своите работни обврски ги завршуваат дома, под надзор на своите деца. Кога родителите се дома, за децата тоа претставува семејно време, време за со мама и тато, време за игра, забава и не се навикнати да ги гледаат своите родители задлабочени во своите професионални ангажмани. А родителите се ставени на еден голем предизвик да одговорат на двете обврски, и работата и родителството, најдобро што можат.

Децата ги глумат родителите

Славица вели дека Димитриј почнал да пројавува револт поради тоа што ги гледа мама и тато на компјутер, а не цело време со него, како што е вообичаено по дома.

Димитриј

– Поради тоа што почувствувавме револт, решивме едниот додека работи, другиот да поминува време со него. Но често се случува состаноците, обврските, задачите да ни се поклопат во исто време, па тогаш мора да повикаме пријател, па бараме поддршка и помош од баба. Не е баш среќен со оваа опција затоа што кога нè гледа дома, сака ние да сме со него, па се бунтува на тој начин што не сака да јаде со баба, да игра и слично. Нашите обврски, професијата, бараат од нас и во ова кризно време, во вонреднава состојба, да одржуваме битни состаноци преку ден. Нема застој, работиме преку ден, навечер, по 18 часот, во викенди, едноставно работата мора да се заврши, не смее да трпи. Тешко и напорно е сето ова да се заврши со дете. Затоа што и двете обврски бараат целосно внимание, посветеност, концентрација. Деновиве малку биоритамот ни се измести, па Димитриј, кој има две и пол години, се однесува како тинејџер. Навечер доцна легнува затоа што не е истрчан, не е изморен, не троши енергија како вообичаено, а наутро подоцна станува. Ако си легне порано, околу 22, 23 часот, умее да се разбуди сред ноќ, во три, четири подготвен за игра. А ние тукушто сме заспале затоа што работиме до доцна навечер, а некогаш и само тогаш се наоѓа време да се среди домот и да се завршат домашните обврски – ни споделија Трајановски.

Тие првите недели сами се снаоѓале со сите обврски, и велат дека поради тоа што станало напорно, неиздржливо, решиле да побараат помош од баба.
– Од голема помош е некој да ни направи ручек, да измие садови, да потсреди, инаку не се постигнува, многу работи ќе останеа незавршени и запоставени. А свесни сме дека продуктивноста не смее да трпи. Димитриј, затоа што нè гледа како работиме, сака да минува време со нас, се интересира, па глумиме состанок, седнува до нас, бара да пишува, бара слушалки за видеојавување, си замислува дека и тој работи како мама и тато. Интересно и лудо ни е во исто време – ни раскажа Славица.

Полесно оди кога имаш флексибилни обврски

Во домот на Ирена Лозана, исто така, деновиве има работна атмосфера. Таа вели дека со радост и исполнетост се справува со карантинската состојба, која наметна работа од дома.
– Мене лично целата оваа ситуација ми дава можност да бидам присутна многу повеќе во сите активности што ги правам вo текот на целиот ден, секој ден. Моите работни обврски веќе подолго време не ме обврзуваат да бидам ограничена ниту со простор ниту со време, така што во моментов не чувствувам голема разлика. Со задоволство можам да кажам дека оваа состојба придонесе за спокој и подигање на свеста на сите во семејството за некои важни прашања во семејството, а и за секого одделно. Иако имаме тешкотии зашто не можеме слободно да се движиме надвор и во природа, тоа сепак ни дава можност да работиме свесно на работите што обично не сме свесни дека ги имаме како придобивка од шетањето во природа – вели Ирена.

Ирена Лозана

Таа додава дека сега повеќе од кога било можеме да видиме кои се навистина важните обврски на кои примарно треба да им обрнеме внимание.

– Здравјето, комуникацијата, радоста и спокојот прво со себе, а потоа во семејството се најважната работа на која треба секојдневно да работиме и да ја подигаме свеста за нив. Работните обврски се важни и прилично лесно се справувам бидејќи и јас и мојот сопруг работиме заедно. Уште повеќе се олеснува работата бидејќи јас од пред неколку години почнав да го работам она што го живеам. Во моментов сум сконцентрирана на обуките за инклузивни семејства кои се изведуваат онлајн преку интернет.
Истовремено креираме портал за инклузивна свесност каде што ќе може да се вклучат, пред сè сите родители со деца со посебни потреби, но и сите оние што работат или се во комуникација со децата со посебни потреби – ни сподели Ирена.

Време за основните животни вештини

Поради фактот што не е обврзана со време околу работните обврски, таа вели дека нејзините деца не чувствуваат некаква разлика деновиве.

– Ние и без карантинот се обидуваме свесноста за заедничката работа и комуникација да е на високо ниво. Јас и мојот сопруг се обидуваме свесно да комуницираме во секој момент, и во секоја комуникација и активност да има елементи на учење, игра, радост. Кога почна карантинот, имавме малку проблем во објаснувањето на причините зошто не смееме да излегуваме надвор, особено со синот кој е на аутистичен спектар. Но само по едно видео на кое беше визуелно објаснето што се случува и што треба да правиме, веќе прашањата за одење надвор застанаа. Истото тоа видео ѝ даде појасна слика за состојбата и на помалата ќерка од 6 години – ни раскажа Ирена.

Според неа, карантинот може да нè поучи за многу работи.

– И по деновиве поминати во карантин, една од најсилните пораки и лекции што ми стануваат јасни е дека сите треба да работиме на развивање на основните животни вештини кај децата, но и кај нас, возрасните. Во неизвесноста што е пред нас создавањето рутини и практикување на најважните основни животни практики стануваат главна цел. Грижата за физичкото здравје преку правилно дишење и движење, грижа за менталното здравје и емотивната состојба, практикување благодарност, свесна грижа за храната и нејзината подготовка (ние веќе создаваме сопствена мини-градина на нашата тераса). Сето тоа обезбедува нови можности за забава, учење и уживање во нашиот принуден „затвор“. Едноставно, треба да научиме како да се фокусираме на позитивните работи – вели Лозана.

Дневен план за подобра организација

Психологот Марија Конеска, која исто така е едукатор за деца и во моментов работи од дома, вели дека новиот начин на живот што го наметна состојбата за децата е речиси неприфатлив. Потребите на децата се реални и ние како родители треба да најдеме начини да ги исполниме и во ваква карантинска состојба.

Марија со семејството

– Ние се наоѓаме во ситуација и да работиме од дома, да ги изменаџираме и работните обврски, а сепак да им го дадеме и времето на децата што им е потребно. Имам две деца. Калина е со школски обврски, а Јован е со игровни обврски, при што му требаат другарчиња цело време. Калина треба да се бори со компјутерот за да следи е-настава и да учи на него, а Јован си го прави своето и бара ние да бидеме неговите другари, пожарникари, кучиња, учители, доктори, возачи – вели Марија.

Вели дека на почеток им било тешко сето тоа да го изменаџираат, па затоа почнале да си прават дневен план.

– Планот е на ѕидот и таму ги пишува сите обврски што секој треба да ги сработи во денот. На пример, наутро сите јадеме како што правиме и секој ден. Потоа Калина има часови од 12 часот по нов распоред, при што и јас сум во истата просторија и исто така имам часови. Работам на она што треба да го сработам електронски од дома. Овој начин Калина го доживува како заедничко учење и секогаш сум до неа да ѝ објаснам, да ѝ покажам, да ја воведам, бидејќи јас можам да запрам за момент со мојата работа. На Јован му се даваат услови да игра, но претходно осмислена игра од наша страна. На пример, му се прави патека со мостови, со знаци и слично во цела соба за да може да вози во неа еден час и да не ѝ досадува на сестра си. Другиот ден се смислува нешто друго, овде мораме да бидемe креативни. Секој момент со децата мора да бидеме креативни. Потоа сите имаме обврски во домот, да направиме ручек, да исчистиме, да пуштиме машина… Сето тоа се прави заедно со децата. Мојата работа често е придружена и со многу телефонски повици.

Дефинитивно има момент кога ќерка ми среде телефонски разговор ќе ми рече: „Аман, само на телефон си“. И тогаш веднаш ќе спуштам или ќе се повлечам во друга соба за да не се доживува дека нејзиното време е заменето со телефонските разговори. Треба јасно да им се објасни и на децата дека сега ние сите учиме и работиме од дома. Најдобро во сето ова е што ние сите сме заедно цело време! По ручекот е време за игра. Сите сме вклучени во играта. Не смееме тоа време да го запоставиме и треба да сме со децата и да им го дадеме во полна смисла. Редиме лего-коцки, играме лавиринти, играме доктори и пациенти, играме криенка, играме физички игри со снаоѓање и развивање на моториката, читаме и глумиме некоја приказна, правиме домашно кино, гледаме цртан филм, имаме музички настап. Кога беа деновите потопли, претпладне бевме два часа надвор, во дворот, и садевме цвеќиња, игравме топка во тревата, правевме куќички, правевме ресторан со храна од цвеќиња и трева. Децата треба да ја потрошат енергијата што ја имаат во текот на денот за добро да спијат навечер. Тоа треба да е квалитетно искористено време, а не време поминато пред мобилните екрани – вели Марија.

Децата го бараат целото внимание

Таа вели дека ако добро го изменаџираме времето во кое детето секогаш ќе се чувствува
незапоставено и задоволно, тогаш сме ги направиле вистинските чекори.
– Мораме да бидеме креативни, да бидеме и ние деца со нив, да истражуваме, а да им укажеме на еден детски и прифатлив начин дека и нашите работни обврски треба да се испочитуваат и да ни помогнат во тој дел. Со децата треба цело време да се разговара. Разговорот е најдобриот метод на воспитување. Ние можеме да се разбереме со децата на тој начин, иако често ни се чини дека не нè слушаат. Но нивниот мозок акумулира сè, особено она што ние ќе го кажеме и направиме. Битно е да работиме заедно и да соработуваме – додава таа.

Психологот додава дека децата не прифаќаат друго време дома освен заедничкото семејно време. – Некогаш и не можеме тоа време да го изменаџираме според потребите на децата, па затоа кај нив се јавува револт. Револтот може во овој период да биде изразен на повеќе начини: Ништо не ме слушате! Не ме сакате!, со врескање на секој збор од родителите, со неприфаќање на обврските, водење инает итн. Но овие состојби на револт ги има секогаш. Дел од воспитувањето е начинот на кој децата ќе научат да прифатат и други услови, состојби. Како во овој случај кога ние иако сме дома, имаме работни обврски што мораме да ги завршиме и на децата тоа не им изгледа реално. Но од најмали нозе децата се учат на почитување на времето на другиот, на разбирање на другиот. Во овој случај разговорот со детето е најбитен – категорична е Конеска.



912

X