Над 90 отсто од анкетираните родители сметаат дека сексуалното образование ќе им помогне на нивните деца да научат како да се заштитат од сексуално насилство во секојдневниот живот и на социјалните мрежи, а ист процент сметаат и дека овој предмет ќе им овозможи полесно да добијат медицинска помош во случај на ризик од ХИВ и сексуално преносливи болести, како и несакана бременост, покажа истражувањето на ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.
Осумстотини родители и старатели преку телефонска анкета, направена во јули годинава, позитивно се изјасниле во врска со содржините по предметот Сексуално образование, кој од 2020 година ќе почне да се изучува во четири основни училишта во Македонија, како пилот-проект.
Извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски, на денешната прес-конференција истакна дека етничката припадност на родителите нема значајно влијание за воведување содржини за сексуално образование.
– Имено, кај родителите со македонска етничка припадност прифаќањето за изучување на сите теми од сексуалното образование се движи меѓу 90 и 97 проценти, додека кај родителите Албанци меѓу 81 и 95 проценти.
Пилот-проектот ќе почне во четири училишта, две во градски и две во приградски средини, каде што учат деца од етнички мешан состав.
912