На мал одмор за 5 минути прави ремек-дела. Децата многу сакаат да бидат околу него и да го гледаат како црта. И многу го поддржуваат, вели Оливера Чаеска, наставничка на Предраг во Основното училиште „Мирче Ацев“ во прилепското село Лажани
Осумгодишниот Предраг Огненоски од прилепското село Лажани има проблем со видот од раѓање и многу му смета светлината. Но, Пепи, како што го нарекуваат неговите другарчиња, има огромен талент за цртање. Секоја минутка од слободното време ја користи за да создаде нов цртеж.
Со Предраг нè запозна неговата учителка Оливера Чаеска. Вели дека чувствува обврска да ја сподели приказната за ова дете.
– И покрај проблемот со видот од раѓање, негова пасија е цртањето, и тоа не на обични и теми од областа што обично им се бара да ја нацртаат. Тој црта и бои различни тематики и користи различни техники. Тој е одличен ученик и максимално се труди. Предраг седи речиси веднаш до училишната табла за да може да гледа. На мал одмор за 5 минути прави ремек-дела. Децата многу сакаат да бидат околу него и да го гледаат како црта. И многу го поддржуваат – вели Чаеска.
Таа објаснува дека Предраг ги обожава автомобилите и многу прецизно за негова возраст ја црта внатрешноста на автомобилот.
– Сака да црта поспецифични работи, внатрешноста на автомобилот, го интересираат дизајнерски работи и има дарба да забележува ситници и да ги црта. Има одлична координација на раката и црта во линија. Предраг знае и на најмало ливче да создаде ремек-дело – објаснува наставничката.
Неговата мајка Јулија вели дека главната играчка на Предраг се неговите боички и листовите за цртање.
– Најмногу сака да црта со молив и да сенча. Кога црта дома, многу често ги црта и ги фрла цртежите – вели мајка му.
Наставничката Оливера додава дека во иднина ќе го охрабруваат да се пријавува на ликовни конкурси. Предраг ни рече дека сака да биде уметник кога ќе порасне.
912