Парковите се места каде што децата ги учат правилата на социјализација, а воедно се и полигони на кои родителите вежбаат нови вештини. Иако на прв поглед сè изгледа опуштено, и детските паркови имаат свои непишани норми кои прво треба да се откријат, потоа да се прифатат и на крај да се совладаат. Само на тој начин можете да избегнете конфликти, и тоа не само меѓу децата, туку и меѓу возрасните што ги придружуваат.
– Ако го фалите своето дете, пофалете ги и другите: „Колку си пораснал“, „О, колку си слатка“, „Баш сте добри!“, зашто комплиментите се супер за разбивање на непријатната тишина, за запознавање, воспоставување поблизок контакт. Секако, сево ова важи ако е искрено.
– Никогаш не носете ужина или грицки само за едно, за вашето дете, зашто може некое од неговите другарчиња да ви побара колаче, парче овошје или дел од сендвичот. Истото важи и за играчките – подобро е две отколку една.
– Штом ќе тргнете кон паркот, не очекувајте веднаш да ја најде својата екипа или тукутака да им се приклучи на други деца. Дури околу третата година децата сами ја организираат играта. Ако е потребно, на почетокот вие играјте си со него, додека не се ослободи и додека не стекне другари.
– Доколку меѓу децата дојде до сериозна кавга или инцидент, секој родител треба да го санкционира своето дете. Избегнувајте да им делите воспитни лекции на други деца, а доколку видите дека некој родител ги игнорира испадите на своето дете на игралиштето, поразговарајте со него подалеку од детските уши.
– Секојпат кога вашето дете ќе предизвика некаков проблем, натерајте го да се извини и потенцирајте му го погрешното однесување.
– Децата не можат сами да решат посериозни конфликти. Проценете дали е паметно да се вмешате или да стоите настрана и да ги пуштите сами да се изборат. Така се стекнува самостојност и така се бранат сопствените интереси и сопствените права.
– Во некои случаи, кај малку постари деца, немешањето во конфликти може да биде многу корисно зашто им се дава можност да научат како да комуницираат. Многу ситни провокации може да прераснат во сериозни судири кога родителите ќе се вмешаат, а сигурни сме дека не го посакувате тоа.
Ако сакате вашето дете да порасне во стабилна, самоуверена личност, никогаш немојте да го споредувате со другите деца, особено не гласно и не на негова штета.
Исто така, немојте ни вие да се споредувате со другите родители, туку сконцентрирајте се на својот начин на воспитување, играње и уживање.