Дали некогаш сте се запрашале како изгледа денот на вашето дете во градинка? Што прави, дали е среќно, нервозно, во конфликт, како го решава тоа, плаче или се смее?
Типичен ден во градинка
Тоа изгледа приближно вака:
7:00 – 8:00: Доаѓа во градинка, ги поздравува другарчињата и воспитувачката, појадува и започнува со активностите, реди коцки, готви во мини-кујната, игра друштвени игри, вежба, црта, слика…Играта е темелна детска активност преку која детето учи, стекнува нови искуства и спознавања, стапува во интеракција и социјални односи со возрасни и деца.
9:30 – 10:00: Време е за ручек, избирање на најубавите парчиња леб и уживање во вкусот на здравиот оброк кој готвачите го подготвиле со многу љубов. По ручекот, сити и чисти, легнуваат на своите креветчиња, наредени еден до друго како малечки џуџиња со пријатна релаксирачка музика или приказна која воспитувачката им ја раскажала со тон за мирен сон.
Околу 15 часот, еден по еден ги отвораат своите очиња и ја јадат попладневната ужина. Веќе до 16 часот повеќето од нив се заминати во своите домови со насмевка на лицето. Убав ден, зарем не?
Што навистина прават во градинка?
Сега размислете за активностите со кои се занимаваат и како тие влијаат врз детето. Додека слика со темперни бои, повеќе пати греши, се валка или едноставно манипулира со бојата по хартијата. Истовремено чувствува среќа и восхит поради постигнатото задоволство, а тегоба поради извалканата маица, истурена боја, валкани раце, неуспех, а по сето тоа уште мора и да расчисти и среди сè, и да се пресоблече и измие. Кога игра „мемори“, мора доволно да се концентрира за да ја запомни секоја свртена слика, притоа освен што се бара развој на концентрацијата, влегува во социјална интеракција со соиграчот кој го обвинува за измама, по што следува промислување за судир, правила, решавање на настанатиот проблем. Потоа се редат коцки во кула. Кога ќе се приближи детето до крајот на изградбата, кулата се руши, а коцките паѓаат на под. Следуваат неколку обиди за изградба на нова кула, па сега кога веќе е речиси готова, воспитувачката повикува да се расчистат собите, да се земе овошна ужина, а наскоро би требало да се излезе на игралиште. Истовремено е среќен и возбуден што одат надвор, а друга страна е малку тажен што овој свој вреден труд мора да го расчисти. Се обидува да се навикне на новите „фенси“ патики што пред некој ден му ги купила мајка му. Турка, навлекува, потегнува, но не оди. За среќа, тука е неговата супертетка која го решава проблемот. Додека е на игралиште, трча, ја шутира топката, неколку пати паѓа. Изгледа дека тие убави патики и не се баш за фудбал. Денес на менито е неговото „најдраго“ јадење, риба, спанаќ и компир. Успева да го изеде ручекот, па чека како награда да се заслади со посебни слатки. На крајот од денот мајката се чуди како успеал да го изеде тоа бидејќи дома не го ни пробува. Не заборавајте дека за тоа требало многу упорност и поттикнување од страна на воспитувачката.

Следува извршување нужда и миење на рацете. Време е за дневен одмор. Се сопнува на креветчињата барајќи го своето. Кога ќе го најде, седнува и се обидува да ги соблече панталоните кои баба му му ги купила за Божиќ. Додека тие се лепат за неговите испотени нозе, успева да се оттргне од тој син оклоп. Се обидува да ја навлече пижамата и е преполно со доживувања од денешниот ден, па тоне во сон. Околу 15 часот ужината веќе го чека на маса, а низ ходникот се слушаат чекорите на родителите кои доаѓаат по своите сонца. Доаѓа и неговата мајка, па со насмевка ги поздравува другарчињата и оди дома. Убав ден, полн со песна, игра, веселба, учење, фрустрации, тегоби, позитивни и негативни емоции, дури и одмор.
Каков е вашиот ден и по што се разликува од детскиот ден?
Сега, драги родители, размислете за вашиот работен ден, оној од вчера, пред една недела, пред еден месец. Која е разликата помеѓу вашиот и денот на детето? Кога малку подобро ќе размислите, многу е мала. И возрасните и децата се будат рано, сакале или не. Децата одат во градинка, а вие на работа. Сите се среќавате со нови предизвици, успеси и неуспеси, подеми и падови. Просечното работно време трае 8 часа, а работниот ден на детето трае и подолго ако се земе предвид дека детето е во градинка додека вие се возите кон работа и од работа или ја искористувате можноста за кафе или купување.
Возрасните знаат да кажат „но, јас плаќам сметки“, „јас готвам и пеглам“, „јас имам бебе“, „тоа е само дете“. За тоа време, нивното сакано дете поминува повеќе време во градинка опкружено со предизвици и лица кои можеби му се допаѓаат, а можеби не. Секое дете, како и возрасните лица, има потреба за пауза и прекин на рутината. Децата сакаат да бидат дома опкружени со своите најмили, со своите играчки кои ќе се користат баш така како што сакаат и кога сакаат, па затоа им е многу важна паузата од градинка, како и на возрасните од работа. Престојот во градинка за децата е најчесто единствената обврска во претшколскиот период, а со текот на времето потребна им е пауза. Секојпат кога одите на годишен одмор, дозволете му го одморот и на детето за и тоа да ги наполни батериите за новите предизвици што доаѓаат. Тоа време искористете го во галење, организирајте го секој ден во детали за да може да му се посветите на детето, а и на себеси. Организирајте излет, посета во музеј или театар, истражете ги парковите и шумите, запознајте го своето дете и зближете се со него.
Автор: Сања Хајсек, магистер за ран и претшколски развој