Откога постои светот, се верува дека жените зборуваат многу повеќе од мажите, дека мажите никогаш не озборуваат и дека децата се чисти души кои никогаш намерно не би ги повредиле другите. За сите оние што не се сомневаат во ова – еве ја вистината: жените се брбливи само во потесно друштво, но затоа на поголеми собири и кога се работи за телефонирање, не можат ни да им се доближат на мажите. Мажите се и поголеми озборувачи, на оваа разонода тие дневно трошат 76 минути, а жените само 52. Меѓутоа, и едните и другите заостануваат зад децата на 8-9 години, кои речиси 2 часа дневно зборуваат сè и сешто за другите.
Откривање тајни, прераскажување реални и измислени ситуации, пренесување шпекулации и лоши коментари за врсниците и наставниците се типични за учениците од второ и трето одделение, не затоа што сакаат да понижат или да навредат некого, туку за да го проценат сопственото влијание врз другите. Најлошо од сè е што децата кои најчесто започнуваат лоши шпекулации и кои најмногу учествуваат во нивното ширење се попопуларни и поприфатени од врсниците што стојат настрана.
Комплиментите преминуваат во критики
Ако и вие сте од оние родители што би можеле „раката да ја стават в оган“ дека нивното дете не учествува во такви активности, подобро е да не се истрчувате и најпрво да ја откриете вистината.
– Децата во прво одделение го „испробуваат теренот“ бидејќи се приспособуваат на другарите и на учителите, на новите обврски, новиот простор и новиот ритам на живот. Игрите им се простодушни, како и темите за разговор, бидејќи сите повеќе или помалку се чувствуваат несигурно. Меѓутоа, со преминувањето во повисоко одделение, почнуваат да се позиционираат во друштвото и да го бараат своето место во опкружувањето. Комплиментите од типот „Убаво ти е фустанчето“, „Супер ти се патиките“ и „Ти најсилно ја шутираш топката“, кои ги разменувале дотогаш, исчезнуваат пред критиките „Фризурата ти е ужасна“, „Поради тебе изгубивме“… Во повеќето случаи децата сето ова го зборуваат без свест дека повредуваат некого – објаснува проф. д-р Кристина Мекдоналд, автор на студијата на Универзитетот „Дјук“ која опфатила 120 момчиња и девојчиња на осум и девет години.
Озборувањето почнува кога детето го споделува своето мислење за фризурата или вината за поразот на натпреварот со друго дете, тоа со трето, а потоа се шири како шумски пожар низ одделението или училиштето, објаснува Мекдоналд. Првиот чекор, според неа, треба да го направи учителката до која ќе стигнат ваквите приказни. Дури и ако не сака да зборува со децата на оваа тема, би морала да го сподели тоа со родителите бидејќи тие треба да знаат дека нивното дете озборува. Во повеќето случаи, како што се покажало, детето ќе им рече на родителите дека на другите им ја кажало вистината, дека не направило ништо лошо и дека тоа не е озборување.
Озборувањето спаѓа во врсничко насилство
– За вашето дете да разбере колку е тоа лошо, прашајте го како би се чувствувало кога другите би зборувале нешто неубаво за него, што не е вистина или не е важно за нивните односи. Објаснете му дека физичките недостатоци, фризурите, облекувањето, имотната состојба, семејните односи, здравствената состојба, оценките и многу други работи никогаш не треба да ги коментира, особено не со другите и не во негативен контекст бидејќи со тоа може да го повреди другиот. Тоа особено се однесува на невистинитите приказни што ги започнал којзнае кој и којзнае од каква причина, па треба да се држи настрана од тоа – нагласува авторката на студијата.
Таа ги советува родителите да им објаснат на децата дека меѓу покренувањето озборување и ширењето шпекулации нема разлика и дека постојат толку работи што се поинтересни од озборувањата. Исто така, не детето треба да му се предочи дека озборувањето спаѓа во врсничко насилство од кое никој не е стопроцентно заштитен, а бидејќи тоа сигурно не сака да биде ни жртва ни насилник, објаснете му како да излезе од тој магичен круг.
– Кога вашето дете ќе сфати дека озборувањето е лошо и кога ќе посака да се спротивстави на тоа, кажете му дека најлесно се запира некое озборување кога ќе се каже „Не зборувај ми лоши работи за Мила, таа тебе постојано те фали“ или „Тоа не е моја работа, не сакам да ми зборуваш за тоа“. А кога ќе го научите детето да не озборува, тогаш вие и вашиот партнер поработете на себе – порачува д-р Мекдоналд. За почеток ќе биде доволно макар да го преполовите времето што секојдневно го трошите на разговори за другите.