Образование

Хрватско основно училиште вовело „шведска маса“ за појадок – учениците јадат повеќе и помалку се фрла храна

Без разлика дали ги прашувате учениците или родителите, малкумина се задоволни од храната во училиштата. Но, како и да е, секогаш има некој на кого не му се допаѓа нешто, на кого му се допаѓа денес, не му се допаѓа утре итн.

Во основното училиште „Новска“ во Хрватска бил инициран сосема поинаков пристап кон храната. Од средината на јануари, во утринската смена, учениците во ова училиште имаат широк избор на храна за појадок – вистинска шведска маса. Тие објавиле видео на својот инстаграм-профил.

-Учениците имаат пристап до топли напивки, разни намази, јогурти, житарки, јајца, салама, виршли, овошје и друга храна. Готвени оброци сè уште се служат во попладневната смена – се вели во соопштението на училиштето.

На овој начин, велат тие, се фрла помалку храна, што била една од целите, а децата се посреќни и јадат повеќе.

-Овој вид исхрана е воведен врз основа на навиките за јадење на учениците наутро. Целта е да се зголеми прифаќањето на оброците кај учениците и да се намали фрлањето храна – велат тие, и иако многумина во коментарите биле воодушевени од ова, многумина забележале дека поголемиот дел од понудената храна не е особено здрава или препорачана, поради преработената храна, шеќерот…

Сепак, ако се земе предвид дека храната е иста во повеќето хрватски училишта, може само да се каже дека на овој начин децата барем јадат.

-Учениците го прифатија новиот начин на исхрана многу добро, а можноста за избор стимулираше поголем интерес за појадок – тие доаѓаат секое утро среќни и едвај чекаат да видат каков избор има – велат од училиштето.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top