Младата гевгеличанка многу сака да бои, да изработува цртежи од каков било материјал, ткаенина, конец, салфети и слично, најсреќна е кога реди сложувалки од 1.000 парчиња
Христина има 15 години. Учи во ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија и оваа учебна година ќе биде деветто одделение. Таа е одлична ученичка. Таа е девојче како и секое друго. Сака да се дотерува, се радува на убавите нешта, плаче кога е тажна. Но, има нешто посебно кај неа. Таа има аутизам и тоа ја прави посебна, вели Катерина Смилкова, нејзината мајка.
На отворањето на првата изложба, заедно со мајка ѝ Катерина
Ова девојче во јули имаше самостојна изложба на своите уметнички дела, цртежи, украси, изработки. Изложбата ја организира Центарот „Мајка Тереза“. Сите изложени дела беа продадени и средствата беа наменети за центарот да може да функционира подобро.
Христина била возбудена од тоа што ѝ се случува, особено затоа што многу гевгеличани дојдоа да ја поддржат и да ги видат нејзините уметнички дела. Поразговаравме со нејзините родители Катерина и Никола.
– Од денот кога ни стана јасно дека нешто не е во ред со неа, почнавме да работиме со дефектолог. Всушност, првиот дефектолог Софче ни укажа дека се работи за аутизам. Таа ни помогна подобро да ја разбереме нејзината состојба и не насочи како да работиме со неа. Кога тргна на училиште, продолжи да работи со школскиот дефектолог Мими Батанџиева и сега со Ружица Икономова. Благодарение на нивната помош и соработка, како и огромното разбирање и соработка со наставниците и целокупниот персонал во училиштето, Христина реди само успеси во и надвор од училиштето – вели мајка ѝ.
Нејзините родители ни објаснија како ги увиделе нејзиниот талент и потреба да се изразува низ уметнички дела.
– Како типичен аутист, Христина можеше полесно да разбере некои работи доколку ѝ се прикажат визуелно преку цртежи, еден вид арт-терапија. На почетокот ѝ цртав јас, а потоа почна и таа. Оттогаш многу сака да бои, да изработува цртежи од каков било материјал, ткаенина, конец, салфети и слично и многу сака сенчање – вели Катерина.
Татко ѝ објаснува како се чувствувала Христина за време на изложбата. На почетокот била малку вознемирена.
– Имаше голема посетеност и секој сакаше да ја прегрне и да ѝ честита, но таа не поднесува метеж и избегнува допири, па изгледаше збунето и вознемирено. Сепак, за кратко време се смири и сѐ се заврши добро.
Голем интерес за првата самостојна изложба на Христина
Христина многу сака да реди сложувалки и ги прави без ничија помош.
– Многу сака да реди сложувалки. Почна на 3 години и најчесто реди сложувалки од 1.000 парчиња. Понекогаш брат ѝ (Кире, 17 години) ѝ помага, ама таа повеќе сака самата да ги создава делата и тоа го прави многу брзо. Ако реди, на пример, еден до два часа во денот, може сложувалка од 1.000 парчиња да ја заврши и за три дена – вели мајка ѝ.
Во однос на темите и техниките што сака да ги работи, нејзините родители објаснуваат дека таа го менува интересот и дека постојано бара нова форма за изразување.
– Кај неа никогаш не се знае што најмногу сака да работи. Животот го живее по некоја своја шема, па така е и со сликањето. Во моментов многу сака да бои со темперни бои. Имаше период кога се занимаваше само со сенчање, а сега не сака да го работи тоа. Како постојано да бара нешто ново, некои нови техники. Порано јас работев со неа едноставни работи, но не знаев дека поседува талент за уметност. Таа нејзина дарба за цртање ја откри дефектологот Благица Опрова додека работеше со неа и продолжи да се развива во работилницата на Центарот „Мајка Тереза“ – велат тие.
Токму во овој центар Христина поминува убаво време, каде што ги создава своите дела.
– Центарот е место каде што Христина оди трипати во неделата по неколку часа. Тоа е место каде што ги создава своите уметнички дела, учи животни вештини. Таму е исполнета, се чувствува безбедно и среќно. И ние сме среќни зашто знаеме дека поминува време со добри луѓе со големи срца, полни со љубов и разбирање. Центарот има средства за работа три години, кои привршуваат наскоро, но од срце се надевам дека ќе се најде решение да продолжи со работа и понатаму затоа што во моментот иднината на нашето дете ја гледаме токму во тој центар – велат родителите на Христина.
Христина заедно со директорката на Центарот за култура во Гевгелија, Весна Ристова
Фото: Тони Аврамов
912