Никола Дукоски, психолог, психотерапевт во едукација

Никола Дукоски, психолог, психотерапевт во едукација

Тел. 075 623 081
е-пошта: nikoladukoski@yahoo.com

Повеќе од авторот

Убаво е да се избегнува овој прашален збор „зошто“ бидејќи често наведува на промислен одговор или на некоја рационализација, а исто така овој збор наведува и на критика. Најдобро е да прашувате од аспект на љубопитен родител

Детството е непрекинат процес на учење и осознавање. Во тој процес на учење и напредување неизбежна е љубопитноста, која е еден вид неуморна потрага по знаења, социјални вештини, духовно богатење и е главен мотор на интелектуалниот развој. Не е спорно дека прашањата што доаѓаат од децата особено во периодот од 4 до 6 години знаат да бидат премногу напорни за родителите, па често се задоволувани со кратки одговори. Всушност, и самото значење на зборот љубопитност е – сака да прашува (се интересира), но секогаш имајте на ум дека тоа е хранливо за детскиот мозок и за детската душа.

Кога ќе се појави одредена мисла или интерес кај детето и таа ќе ја преточи во прашање, знајте дека зад тоа прашање има нешто што се крие. Некогаш тоа може да биде цел свет кој можете да го откриете преку враќање на прашањето што го поставило. Можеби детето ќе ве праша зошто грми, како се создава громот… Во зависност од возраста и можноста за апстрактно мислење кај децата, понекогаш е добро да ја проверите имагинацијата на детето, односно неговата љубопитност да ја вратите назад, кон него. На пример: „Што мислиш ти, што е причината што грми?“, „Како се прават громовите?“ Преку одговорите што ќе ги добиете можеби ќе стигнете до зенитот на неговата генијалност, а можеби и ќе биде доволно да го запознаете детето со некој негов страв или да го збогатите неговиот интерес.

Затоа уважувајте ја љубопитноста, никогаш не запоставувајте ја и понекогаш погледнувајте во кој правец води тоа, секако за да го стимулирате детето и да го насочите кон она што го сака. И никогаш не осудувајте го за тоа што ќе го праша или за тоа што се интересира, само објаснувајте, бидејќи љубопитноста некогаш значи и осознавање на себеси, другите или другото.

Исто така, љубопитност ја има и во форма на интерес за тоа како се чувствува детето или кога нешто погрешило најчесто прашуваме: „Зошто го направи тоа?“, „Зошто плачеш?“…

Убаво е да се избегнува овој прашален збор „зошто“ бидејќи често наведува на промислен одговор или на некоја рационализација, а исто така овој збор наведува и на критика. Најдобро е да прашувате од аспект на љубопитен родител: Што се случи?, Како се случи тоа?, Што направи?, Што ти е?, Како си?… Со ова ги наведуваме децата да одговараат од сегашниот момент, од аспект на она што го чувствуваат, без притоа премногу да го обработуваат тоа во своите глави и да бидат исплашени од критиката што може да дојде од вас како родител. Исто така, со овие прашања може да се избегнат кратките одговори, а со тоа да му се даде можност на детето да се истражи, спознае, изрази и довери.

И она што е во директна врска со учењето нови работи е тоа што љубопитноста ги задржува информациите во мозокот со леснотија. Тоа е така бидејќи кога сме љубопитни во мозокот се лачи допамин. Хормон кој ни ја побудува инспирацијата и нè спрема за акција. Но, исто така, допаминот игра важна улога во јакнењето на мозочните врски во кои е вклучено и учењето, како когнитивен процес. Поради тоа, кога сме љубопитни, полесно учиме и помниме, така со љубопитност учењето станува полесно и без напор, а помнењето спонтано и лесно. За среќа, љубопитноста не е состојба што ја поседуваат само децата, во голема мера и возрасните можат да ја задржат или ја задржале во текот на целиот живот.



912

X