Здравје

Храната за бебиња е полна со шеќери, предупредува СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека индустриската храна за бебиња често содржи премногу шеќер и дека етикетите се конфузни, па предлага да се обноват критериумите со цел да се подобри исхраната на најмладите.

– Во речиси половина од испитаните производи над 30 отсто од калориите произлегуваа од чистиот шеќер и околу третина од производите содржат додаден шеќер или други засладувачи – соопшти европскиот разгранок на СЗО.

Резултатите се донесени врз основа на испитани 8.000 производи во над 500 продавници помеѓу Виена, Софија, Хаифа и Будимпешта од ноември 2017 до јануари 2018 година.

Зголемената содржина на шеќер може да го зголеми ризикот од претерана тежина или кариес, а раното изложување на зашеќерени производи создава штетна наклонетост кон слатката храна подоцна во животот, наведува СЗО.

– Добрата исхрана во неонаталниот период и раното детство е клучна за оптимален раст и развој на детето и најдобри здравствени резултати подоцна во животот – вели Сузана Јакаб, регионален директор на СЗО за Европа.

Речиси третина од испитаните производи содржеа шеќер, концентрирани овошни сокови или други засладувачи кои не би требало да се додаваат во храната што е наменета за најмладите.


Меѓу 18 и 57 отсто од тие производи имаат над 30 отсто калории што потекнуваат од шеќерот, наведува СЗО.

Студијата исто така покажа дека прехранбените производи што се сметаат за несоодветни според препораките на СЗО им се продаваат на најмладите.
Помеѓу 28 и 60 отсто од производите се означени дека одговараат за бебиња помали од 6 месеци, додека СЗО препорачува тие да се хранат исклучиво со мајчино млеко, па според тоа, ни еден производ не треба да биде претставен дека одговара за деца помали од 6 месеци, се наведува во извештајот.

Затоа СЗО го ажурира препораките.

– Да престане рекламирањето на замената на мајчиното млеко и препорачува храната за деца од 6 месеци до 2 години да се заснова на производи богати со хранливи материи и да биде подготвена дома.
– Сите додадени шеќери и засладувачи треба да бидат исфрлени од храната за бебиња.
– На етикетите со благи пијалаци, особено на овошните сокови и концентрираното млеко, и на слатките треба да стои дека тие производи не одговараат за деца помали од три години.

Поврзани написи

To top