Воспитување

Храната не е играчка

Многу се израдувавте кога вашето бебе од шест месеци покажа дека ужива во „вистинска храна“, блескавте од среќа што кашичката од грашок не заврши на вашето лице, кујнските елементи и на завесите, но потоа оброците, еден по еден, почнаа да завршуваат на подот. Првиот пат ви беше смешно, вториот пат кучето излижа сè, па не моравте да бришете, третиот пат одлучно рековте „не“, а потоа сè прерасна во кошмар.

При секој оброк повеќе храна завршува на подот и на столот отколку во устата на бебето, а вие веќе немате сила да чистите и да го убедувате бебето, кое многу се забавува, да изеде нешто.
На бебињата храната им е играчка, особено ако не се гладни. Ова важи за малечките од 9 до 12 месеци кои, со цел да го запознаат просторот и своите можности, а и законите на физиката, ќе фрлат сè што ќе дофатат.
Затоа, тргајте ги подалеку мобилните и далечинските, клучевите од автомобилот, парите и документите, кристалните пепелници и порцеланските чинии.

Играњето со храната и со приборот за јадење ги развива фината моторика, контролата и координацијата на движењата, а тие се многу важни и за нас и за малите. Некои деца ја фрлаат храната и затоа што се многу љубопитни, некои затоа што ги интересира реакцијата од родителите, а некои од бес и фрустрација зашто не се задоволни од нешто.
Што и да е причината, потрудете се оваа фаза во развојот на бебињата да помине што побрзо. За да успеете во тоа, послушајте ги советите на експертите.

Не викајте и не лутете се

Кога детето ќе почне да ја фрла храната, стрпливо соберете ја и речете му: „Ова се јаде, не се фрла. Но бидејќи падна на подот, сега ќе оди во ѓубре“. Ако го правите ова секојпат, ако покажете доследност и трпение, детето брзо ќе научи дека следниот пат кога ќе фрли храна ќе нема што да јаде.

Обезбедете си соработници

Бебето што прави лом во текот на ручекот и ги фарба ѕидовите и мебелот со храна, а притоа ужива во тоа, може да биде многу смешно, па дури и слатко, но не смеете да се смеете на тоа.
Објаснете им на членовите на семејството, а особено на децата, на фрлањето на храната да не реагираат ни со смеење ни со карање. Кажете им дека тоа е фаза низ која и тие поминале, да бидат мирни и да не реагираат. Соберете сè од подот, фрлете го во ѓубре и не дозволувајте им на домашните да му даваат на бебето нова количина „муниција“.

Немојте да му пикате премногу храна

Додека некои деца ја фрлаат храната поради забава, љубопитство и тестирање на трпението на родителите, некои го прават тоа само ако се сити, а вие ги терате да изедат уште малку. Свртената глава и стиснатите усни нека ви бидат показател! Не терајте ги да јадат повеќе отколку што им треба и не оставајте го недојадениот оброк пред нив, зашто тој за ситото дете не е ништо друго освен играчка.

Нека јаде на столче

Ако имате столче за хранење, ставете го до масата кога сите ќе седнете. Бебето ќе ги гледа членовите на семејството како јадат, ќе сфати дека никој не си игра со храната и дека не ја фрла, па и тоа ќе престане да го прави тоа. Особено е важно, ако имате домашни миленичиња, да ги тргнете подалеку од бебето што јаде зашто тоа едноставно ќе ужива во тоа како тие „чистат“ сè што ќе им фрли.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top