Родителите нема да смеат да влегуваат во училиштето. Тие имаат право само да ги остават децата до влезот. Исклучок се родителите на дечињата со посебни образовни потреби или нивните лични асистенти, кои имаат право да влезат во училишната зграда

Од 1 септември почнува учебната година со физичко присуство за сите ученици. Како што најавија од Министерството за образование и наука, училиштата биле подготвени да ги отворат вратите за сите свои ученици. Ова е првпат учениците да се вратат во училишните клупи во полн состав откако беше прогласена пандемија на ковид-19.

Контролирани влез и излез

Редарска служба ќе ги контролира влезот и излезот на училиштето. Ред треба да биде воспоставен и за време на големите одмори. На вработените во училиштето, како и на учениците, при влез им се мери телесна температура. Ако некој има температура повисока од 37,4, се упатува кај матичниот лекар.

Родителите нема да смеат да влегуваат во училиштето. Тие имаат право само да ги остават децата до влезот. Исклучок се родителите на дечињата со посебни образовни потреби или нивните лични асистенти, кои имаат право да влезат во училишната зграда.

Она што се правеше и минатата година, ќе се прави и годинава, а тоа е редовна дезинфекција на училниците и на ходниците, како и редовно проветрување. Чистењето на фискултурните сали, кујните и соблекувалните ќе биде веднаш по нивно користење.

Тешко е да се почитува протокол со 30 ученици во училница

Некои од директорите на училишта со кои поразговаравме велат дека не е едноставно во практика да се изведе целиот процес кој е напишан на хартија, но уверуваат дека ќе се обезбеди максимално почитување на правилата.

– Сепак, во некои случаи не може да се испочитува сè, на пример, во одделение со 30 ученици невозможно е да се почитува протокол. Не може да се обезбеди потребната дистанца. Во однос на исхраната на децата, училишната кујна и менза ќе работат, децата со одредена динамика ќе влегуваат и ќе излегуваат од мензата. Имаме план и распоред за појадокот, со одредени тајминзи кога влегуваат учениците од одделенска настава, а кога од предметна. Не влегуваат сите во исто време. Исто ќе биде и за ручекот – вели Светлана Масларевска, директорка на училиштето „Коле Неделковски“ во Општина Центар.

Во однос на влегувањето во училиштето, таа појаснува дека предметните наставници ќе ги пречекуваат учениците, а потоа ќе одат во училница.

– Минатата година одлично функциониравме, но тогаш бројот на ученици беше помал. Сега сите ќе одат на настава – додава таа.

Во некои училишта родителите ќе може да одберат детето да не посетува физичка настава

Како што најавија надлежните, исклучоци од одлуката за неодење на училиште може да се однесуваат за деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето. Она што беше нејасно е врз основа на кои критериуми директорот на училиштето би одлучувал кое дете да оди, а кое да не оди на настава. Во некои училишта ова прашање ќе се реши на тој начин што на секој родител што ќе побара, ќе му биде одобрено неговото дете да не посетува физичка настава. Едно од нив е „Коле Неделковски“.

– Ставот на нашето училиште е дека на сите родители што ќе побараат, ќе им биде одобрено детето да не им оди на училиште. Имавме состанок за тоа прашање и така одлучивме – вели директорката Масларевска.



912

X