Воспитување

Правилна хигиена на половите органи на новороденчињата

Негата на половите органи кај новороденчињата не е иста за машките и за девојчињата. Кои се правилата за добра и ефикасна нега при бањањето?

Првото правило при бањањето на бебињата е следново: никогаш немојте да употребувате пени за бањање или сапуница за миење на половите органи бидејќи тие можат да ја иритираат слузокожата, со што се зголемува можноста за инфекции. За споредба, тоа би било исто како и очите да ги миете со сапуница.

Девојчиња

Кај девојчињата, нормално е од вагината да се појави бел секрет, таканаречено „бело прање“ кај новороденче. Во тој случај вагината треба да ја бришете со вата што е натопена во вода, и тоа од напред кон наназад (еден потег – едно топче вата). Во спротивно, бактериите од цревата би можеле да се пренесат во вагината, а познато е дека новороденчето сè уште нема развиен систем на заштита од инфекции.

Ако забележите дека се појавил жолтеникаво-зеленикав секрет со непријатен мирис, потребно е да побарате совет од педијатар. Ако од вагината се појави слабо крвавење или забележите трага од крв на пелената, не грижете се – тоа е нормална појава, но во случај на пообемно крвавење, треба да побарате помош од педијатар.

Момчиња

Кај машките деца кожичката што ја прекрива главата од пенисот може да ја повлекувате само колку што е потребно за да се избрише белата наслојка, таканаречена смегма, која е нормална појава. Момчињата до две години имаат физиолошка фимоза (кожичката не може да се повлече преку главичката на пенисот), па при бањањето многу нежно повлекувајте ја колку што е можно. Тоа подрачје исплакнете го со топла вода и кожичката вратете ја назад.

Ако бебето се искакало, најдобро е пред преслекувањето добро да го измиете со топла вода.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top