Здраво осумгодишно дете е активен фудбалер. Тренира секој ден (понекогаш има и по два тренинга дневно). Неколку дена се чувствува уморно, по малку кашла, му тече носот, но нема покачена температура.
И покрај препораката од педијатарот да не тренира неколку дена, тој имаше две важни натпревари кои ги одигра. Следниот ден на градите под брадавицата му се појави црвенило со бели меуриња. За само еден ден од мала промена на кожата се формира голем „печат“ кој чеша, пецка и боли. На третиот ден беше однесен на педијатар, кој веднаш му дијагностицира херпес зостер и му препиша крем. Не е јасно како дојде до ова, со оглед на тоа што момчето на три години прележа варичела без никакви компликации.

Од што е предизвикан херпес зостер?
Болеста ја предизвикува вирусот на варичела, истиот кој предизвикува сипаници. Овој вирус има една непријатна особина. Се крие во организмот каде што со години може „да спие“, а кога ќе се разбуди се јавува херпес зостер.
Како здраво дете може да добие херпес зостер?
Варичелата остава имунитет за цел живот, но дел од вирусот „се крие“ од имунолошкиот систем на детето и чека момент за да се „разбуди“.
Кашлањето на детето и течењето на носот е вирусна инфекција (на нос и грло) која го ослабна имунитетот и така помогна вирусот на варичелата да се активира и да предизвика проблем.
Каква врска има спортот со овој проблем?
Падот на имунитетот претходи на појавата на херпес зостер, а тој настанал од две причини: првата е вирусната инфекција, а втората е интензивната спортска активност. И покрај тоа што педијатар советувал детето да одмори, тоа одиграло два тешки натпревари, со што дополнително го загрозило имунитетот. Голем напор, заедно со респираторна вирусна инфекција, доведува до потенцијални проблеми, а херпес зостер потврдува дека вирусните инфекции и спортот не одат заедно!
Како да му помогнете на детето?
Препишаниот крем може малку да ги ублажи симптомите и да го забрза оздравувањето, но терапијата е почната доцна. Најдобро е веднаш штом се забележат промени на кожата да се контактира педијатар. Раната терапија со антивирусен лек (ацикловир) дава подобри резултати. Хидроциклинот веројатно ја влошил состојбата бидејќи содржи кортикостероид кој помага вирусот да се шири, а антибиотскиот дел од маста не влијае врз херпес вирусот!
Кога детето може да почне со тренинзи?
Детето мора да се одмори најмалку две недели од првите знаци на болеста. Јасно е дека нема спорт додека не закрепне целосно! Потењето, кое оди со спортската активност, не ѝ годи на кожата, но сè ќе заврши добро и нема да остави последици. Пред да се врати на терен, потребна е контрола кај педијатар.