Херој со челична волја е Дамјан, 4-годишно момче од Бања Лука.
Иако Дамјан е роден без раце, научил да плива пред да научат повеќето негови врсници и го остварил својот спортски сон.
Дамјан трипати неделно тренира во олимпискиот базен. Неговата крајна цел е натпревари и медали, а најголема поддршка му се родителите и тренерот.
– Сите момчиња од нашата зграда тренираа пливање. И Дамјан сакаше, иако животот му ги скрати истите можности. Си ветив дека ќе му помогнам, иако претходно не сум работел со деца со инвалидитет – вели неговиот тренер Горан Ивиќ, кој е и основач на пливачкиот клуб „Круна“ од Бања Лука.
– Неговата упорност и способност да ги преброди препреките едноставно инспирираат. Тој нѐ учи што значи да се биде борец – вели Горан.
Дамјан не е инспирација само за тренерот. И за другарите е пример за ментална сила. На свој начин тој постигнува резултати како и децата без физички недостатоци. И сето тоа низ игра, смеа и забава.

Но, не било секогаш така.
– На почетокот беше срамежлив, но многу работевме заедно. Бевме трпеливи. Учевме еден од друг. Сега Дамјан сам успева да го преплива базенот. Без страв скока во водата. Другите деца му приоѓаат со почит – вели неговиот тренер.
Тој напоменува дека децата што имаат посебни потреби најчесто неправедно се маргинализирани од најрани години, особено кога станува збор за спортот.
– Пливањето е еден од најздравите спортови за психо-физичкиот развој на децата. Водата и времето поминато во вода се драгоцени. Освен што ги совладуваат стравовите и почнуваат да пливаат во најголеми базени, тие го активираат секој мускул во телото, а зглобовите не чувствувааг никаков притисок.
– Важен е и натпреварувачкиот дух, ако е умерен и контролиран од страна на возрасните – објаснува тренерот Горан.
Целта на пливачкиот клуб „Круна“ за идната година е токму зајакнување на инклузијата во спортот. Иако Дамјан сѐ уште нема стигнато до целта, веќе е победник.
Фотографии: Lola Magazin