Здравје

Хеликоптер-родителите лошо влијаат врз емоционалното здравје на децата

Кај децата што не можат ефикасно да ги регулираат своите емоции и однесувања поголема е веројатноста да направат драма во училницата, потешко создаваат пријателства и имаат проблеми на училиште

Таканаречените хеликоптер-родители имаат тенденција да бдеат над своите деца – навика за која истражувачите велат дека може негативно да влијае врз способноста на детето да управува со емоциите и однесувањето понатаму во животот.
Дали сте вие еден од овие родители? Оној тип родител станува претерано заштитнички настроен кога станува збор за неговите деца.
– Природно е родителите да се обидуваат да ги заштитат своите деца – вели водечкиот автор на најновото истражување, Никол Пери, од Универзитетот во Минесота.
Но тој додава дека на децата им е потребен простор да научат и да растат самостојно, без мајката и таткото да „лебдат“ над нив.

Не може да управува со емоциите

Нејзиното истражување открило дека прекумерната контрола од страна на родителите може негативно да влијае врз способноста на детето да управува со сопствените емоции и однесување.
– Нашето истражување покажа дека децата со хеликоптер-родители се помалку способни да се справат со барањата во текот на растењето, особено со снаоѓањето во сложената училишна средина. Кај децата што не можат ефикасно да ги регулираат своите емоции и однесувања поголема е веројатноста да направат драма во училницата, потешко создаваат пријателства и имаат проблеми на училиште – вели таа.
Во истражувањето Пери и нејзините колеги во САД и во Швајцарија следеле 422 деца во период од осум години. Тие ги оценувале децата на возраст од 2, 5 и 10 години, следејќи го нивниот социјален и емоционален развој.
Во еден од тестовите истражувачите гледале како родителите играат со нивните двегодишни деца во лабораторијата. За време на оваа игра мајките добиле инструкции да играат со децата и со играчките исто како што правеле дома.

Им ги избирале играчките

Како и што очекувале, истражувачите биле сведоци на знаци за хеликоптер-родители.


Родителите им кажувале на децата со која играчка да играат, како да играат и како да расчистат потоа. На некои од децата ова воопшто не им се допаѓало, па плачеле, некои се противеле, а други биле фрустрирани.
Истражувачите откриле дека кога овие двегодишни деца наполниле 5 години, имале помала контрола врз своите емоции и менталната состојба.
Друг дел од истражувањето вклучувал пополнување на прашалници од страна на 10-годишниците.

Да се најде средината

– Поконкретно, ги оценувавме нивните ставови кон училиштето и кон нивните наставници, нивната грижа или страдање во врска со социјалните ситуации, нивното ниво на перфекционизам, нервоза, чувството на страв и загриженост, како и депресивните симптоми – вели Пери.
И наставниците дадоа извештаи за продуктивноста на децата и социјалните вештини на возраст од 5 и 10 години.
На децата што развиле способност за ефикасно смирување на себеси за време на вознемирувачки ситуации им беше полесно да се приспособат на сѐ потешките барања што ги налагале училишните средини. Нашите наоди ја нагласуваат важноста на едукацијата на родителите за поддршка на детската автономија за справување со емоционални предизвици.
– Не станува збор за лоши родители. Тие мислат дека прават сѐ најдобро за своите деца – вели Кели Дин Шварц, вонреден професор на Универзитетот во Калгари.
Да се биде добар родител не е прецизна наука, вели тој, а предизвикот е да се најде она што тој го нарекува „слатка точка“, особено кога децата растат.

 

Поврзани написи

To top