Воспитување

Губење на родителите поради ковид-19 – сѐ поголем бројот на сирачиња во Индија

Петгодишниот Пратам и неговиот 10-месечен брат Ајиш го изгубиле својот татко од последици од ковид-19 во април. Денови подоцна, во различна болница во Делхи ја изгубиле и својата мајка. Нивниот свет се менува, а тие не го ни знаат тоа. Не можат да разберат зошто на нивните родители им е потребно толку време за да се вратат дома. Роднините му рекле на Пратам дека неговите мајка и татко заминале на работа. Но, Пратам продолжува да прашува каде се, а секој ден станува сѐ потежок. Роднините одлучиле да контактираат невладина организација во Делхи, која работи со деца сираци. Оттаму велат дека се надеваат оти некој ќе ги посвои децата.

Соња (12) и нејзиниот брат Амит (7) го изгубиле својот татко уште во првиот бран од пандемијата во јуни минатата година, а нивната мајка во април годинава. Нивната баба се грижи за нив во моментот. Таа е загрижена за нивната иднина, но не сака ниту да помисли да ги даде на посвојување. „Кој ќе се грижи за овие деца после мене. Овие деца се наследство од мојот син и снаа. Многу луѓе доаѓаат да прашуваат за посвојување. Но, како да ги дадам?“, вели таа.

Смирти Ирани, министер за женско здравје и деца, неодамна објавил дека и двајцата родители на 577 деца починале од коронавирус помеѓу 1 април и 25 мај. Експертите велат дека оваа бројка е всушност многу поголема. Премиерот на Индија, Нарендра Моди, исто така најави мерки за помош на сирачињата, со фонд од околу 13.970 долари, одвоени за секое дете. Парите ќе им бидат дадени како стипендија кога ќе имаат од 18 до 23 години. Индија има строги правила за посвојување – секоја држава има Комисија за заштита на децата. Многу невладини организации им помагаат на комисиите во идентификација на децата кои се изложени на тој ризик. Има и национален портал за посвојување каде што луѓето се регистрираат и бараат деца за посвојување. Се прават проверки и потоа родителите и децата се спојуваат. Но, стапката на посвојување во Индија е ниска – само 3.351 дете се посвоени од март 2020, а десетици илјади се сирачиња. Како споредба, во САД повеќе од 66 илјади деца биле посвоени во 2019 година.

Ситуацијата во Индија е влошена по вториот бран. „Во својот живот не сум видел толку луѓе да починат за толку кратко време – мора зад себе да оставиле толку многу деца кои се помали од 18 години. Ова е национален итен случај“, рекол премиерот на Индија. Според него, краткорочно згрижување е методата која во моментов треба да се практикува за да се олесни проблемот. Со тоа секое дете ќе биде згрижено од семејството и пријателите, па не треба да чекаат осамени во сиропиталиштата за некој да ги посвои.

Страв од тргување со бели робје

Многумина ги користат социјалните медиуми за да побараат помош при обезбедувањето болнички капацитети, кислородна поддршка и респиратори. Но, социјалните медиуми се преплавени и со повици за посвојување деца чии родители починале од ковид-19. Сепак, таквите повици и отворени линии, како и фотографии на деца, го зголемуваат стравот и од развојот на трговијата со деца. Премиерот на Индија предупредува на опасностите од веб-страниците каде што луѓето може да се обраќаат за посвојување деца. Тој постојано посочува дека на таквиот начин се губи контролата над нештата, а децата се изложени на секакви предатори. Децата може да ги искористуваат и за работа, па дури и сексуална работа.

Сонал Капур, основач на невладина организација во Делхи, вели дека нејзината организација наишла на случаи каде што едниот родител починал, а другиот, обично таткото, го принудувал детето на работа. Со тоа се креира гледиште дека дури и децата што изгубиле само еден родител се во одредена опасност од неправилен раст и развој. „Сирачињата од родителите што починале од ковид-19 во Индија се голем проблем во моментов. Нивната бројка е огромна и тоа бара големо внимание за решавање на проблемот“, вели таа.

Надлежните постојано добиваат повици од семејства кои бараат помош само за да ги нахранат децата. Владините структури постојано вложуваат напор за решавање на проблемите, но експертите велат дека уште многу нешта треба да се преземат. Ризикот е дека многу деца ќе пораснат без да имаат семејство покрај нив.

Автор: Викас Пенди и Ендру Клеренс

Извор

Поврзани написи

To top