Кога решаваат да го земат кучето, луѓето треба да бидат свесни дека тоа е нов член на семејството и дека со него треба да се работи исто како со децата. И сè ќе научи – дека дома не се врши нужда, дека синџирчето значи дека ќе оди на шетање. И тогаш ќе ви биде верен другар. Најверен, вели Бранко Тасевски

Кога едно семејство ќе реши да чува куче, сите треба да бидат свесни дека доаѓа нов член на семејството кому треба да му се даде доволно љубов. Мали или големи кучиња, чистокрвни раси или мешани? Има ли кучиња што се „најпогодни“ за деца?
Бранко Тасевски вели дека не постои добра или лоша раса. За кучињата важи само едно универзално правило – ако ги сакате, тие ќе ви вратат сто пати повеќе љубов.
Тасевски е претседател на Кинолошкото друштво „Битола“ и е еден од најстарите одгледувачи на шарпланинци во поранешна Југославија. Одгледува шарпланинци повеќе од 40 години. Член е на стручниот совет на Кинолошкиот сојуз на Македонија и е интернaционален кинолошки судија.

Бранко Тасевски

Тасевски вели дека во неговото долгогодишно искуство никогаш не се случило шарпланинец да има отпор кон децата, ниту да покаже каква било агресија.
– Толку се мили, дружељубиви, толку ги сакаат децата, тоа е чудо. Не само шарпланинците, туку и другите раси. Има помали, како пудлици, чивави, шнауцери, малтезери. Тие спаѓаат во деветта група, која е за придружба – објаснува Тасевски.

Тој е дециден дека семејствата што решаваат да чуваат куче дома треба да се информирани што ги очекува, а тоа не се само влакната. Ако земете кученце меѓу 2 и 4 месеци, треба да бидете подготвени дека по 3,5 месеци тоа ќе ги менува забите. Ќе гризе сè (мебел, обувки, теписи, сè што ќе најде).

Убаво е кога децата имаат миленик

– Колку ќе му посветите внимание на кученцето, толку тоа ќе разбере што и како треба да прави. И што не треба да прави. Кога децата во семејството ќе наполнат веќе 5-6 години, многу е убаво да имаат миленик. Така ќе се навикнат да се грижат за него, да градат одговорност. Детето ќе знае дека треба да го нахрани, да го извади да го прошета (ако е помала раса) –  вели Тасевски.

Колку ќе му посветите внимание на кученцето, толку тоа ќе разбере што и како треба да прави. И што не треба да прави

Според него, малите раси се посоодветни за чување во домовите (станови). Не препорачува шарпланинец да се чува дома зашто е од поголемите раси на кучиња.
– Не е проблем да се навикне дома и да биде пријател со сите, но како куче кое си бара поголем простор и комоција, надворешниот амбиент е многу подобар за него. Јас многу ги сакам кучињата, но сум противник да се чуваат дома – вели тој.

Тасевски во неговата одгледувачница

Тој не препорачува семејствата да земаат постари кучиња, не затоа што нема да им биде добро, туку затоа што ќе имаат помалку време да го поминат заедно.
– Среден животен век на кучињата е помеѓу 10 и 13 години. Има луѓе што се приврзуваат за милениците како за членови на семејството и многу тешко го поднесуваат моментот кога кучето ќе остари, ќе се разболи, не може да се движи, да гледа, слуша. Тоа се тешки моменти. Ако го земете од мало, имате еден цел живот да го поминете заедно. Индивидуално е, како животот кај луѓето. Некогаш живеат и повеќе од 15 години – вели Тасевски.

Фото: Томислав Георгиев

Напоменува дека ако семејството реши да чува куче дома, задолжително да се извршат сите проверки и вакцинации за да нема никакви проблеми.
– Кучето врши нужда во тревникот, детето игра, зема ливче од тревата, на него има ехинокок (кучешка тенија). Па ја става рака в уста, па се случуваат страшни болести. Затоа кучињата треба да бидат третирани како што треба за да нема никакви проблеми. Тоа се најбитните работи што треба да ги знаат луѓето. Но, кога решаваат да го земат кучето, да бидат свесни дека тоа е нов член на семејството и дека со него треба да се работи исто како се децата. И сè ќе научи – дека дома не се врши нужда, дека синџирчето значи дека ќе оди на шетање. И тогаш ќе ви биде верен другар. Најверен – вели Тасевски.



912

X