Седев на креветот и замислено гледав во телефонот, како робот, гледајќи ги инстаграм-објавите на мајките кои очигледно прават сè подобро од мене. Грбот ме болеше од непријатната положба, но поместувањето во поудобна позиција ми изгледаше како премногу голема работа. Од ходникот дојде глас: – Мамо, не можам да спијам – и сè што можев да сторам беше: – Добро, душо. Без понудени решенија, без утешни зборови. Бидејќи останав без решенија, останав без зборови.

Внимателно, мојот сладок сопруг ме праша: – Душо? Добро си?.Го анализирав прашањето. Tивко се пробив низ маглата од менталниот товар што ме угнетуваше и угнетуваше – постојана грижа, вина, стрес.

Размислив колку жени одговараат на ова прашање: – Совршено! Како си ти? Можеби ова го кажуваме пренагласено за да звучиме поискрено. А одговорот за кој сите знаеме дека е искрен и вистински, кога чувствуваме дека е во ред што сме ранливи, е следниот:

Исцрпена сум.

А не сум свесна за тоа.

Но, не смеам да се жалам. Среќна сум на многу начини. Го сакам тоа што сум мајка. Си го сакам животот.

И, наместо да кажам сè, да се фокусирам на ранливите делови на моето битие, јас едноставно одговарам: – Добро сум, душо. Денес беше само… напорно.

–  Во ред, ајде да видиме што би можела овој викенд да правиш неколку часа сама – тој го прифати моето мото дека грижата за себе е важна за мајките и се обиде да ми помогне да го реализирам. Но, вистината е дека грижата за себе не е доволна. И, време е да престанеме да повторуваме дека мајките ќе можат да ја поништат годината во која се бориме со безброј обврски и како последица на тоа чувствуваме исцрпеност.

Не постои бања што ќе го омекне постојаниот притисок на вознемиреност. Не постои „женски викенд“ што ќе го поништи чувството на изолација на последниот триместар поминат без никаква помош.

Не постои дремка што ќе ја врати енергијата потрошена во обид да се воспостави рамнотежа помеѓу кариерата и мајчинството,

Не постои чаша вино што ќе го ублажи акумулираниот ефект на сите проблеми за кои немавме време да посетиме доктор.

Мајките се исцрпени, а општеството е тоа што треба да почне да се грижи.

Истражување од 2019 година за положбата на мајките покажа дека 51 отсто од мајките се чувствуваат обесхрабрени кога станува збор за усогласување на стресот на работа со мајчинството. Приближно една третина од мајките велат дека страдаат нивното физичко и ментално здравје. 85 отсто од мајките рекле дека општеството не им дава доволно добра поддршка.

85 отсто.

Општеството бара да воспитувате и одгледувате деца во средина во која не ве гледа вас.

Па, драги мајки, ве молам слушнете го ова: Не си замислувате дека сте исцрпени. Но, не сте вие виновни што мислите дека си замислувате.

Исцрпени сте од моментот кога кажавте дека сте бремени или дека планирате да посвоите дете. Ве бомбардираа со совети и приказни за тоа колку би било страшно претстојното искуство, совети и приказни што не ви беа потребни.

Исцрпени сте затоа што моравте да се вратите на работа пред навистина да бидете подготвени, а потоа се чувствувавте виновни затоа што не можевте да го доите бебето доволно долго. Исцрпени сте затоа што чувствувате дека треба постојано да ја оправдувате вашата одлука со која сте се откажале од работата.

Исцрпени сте бидејќи ги јадете остатоците од ручекот.

Исцрпени сте бидејќи постојано чувствувате притисок да поминете доволно време со вашите деца, како и да имате чист и уреден дом.

Исцрпени сте бидејќи по цел ден се грижите за децата, чувствувате дека треба да бидете свежи, секси и достапни за партнерот.

Исцрпени сте од тоа што вестите се исцрпувачки и поразителни.

Исцрпени сте бидејќи не поминува ден, а вие да не се потсетите на килограмите што сте ги стекнале во текот на бременоста и кои сè уште не сте ги изгубиле, на совршеното тело што сте го изгубиле.

Исцрпени сте затоа што постојано читате и слушате нови совети за „најдобриот“ начин да воспитате дете и како тоа да го балансирате со контрадикторните совети на мајките и свекрвите.

Исцрпени сте бидејќи без оглед на тоа колку патувања сте откажале, сепак не можете да најдете начин да излезете од долгови.

Исцрпени сте затоа што знаете дека вашето дете не треба да гледа повеќе цртани филмови на ТВ, но едноставно не знаете како да подготвите вечера ако не го дозволите тоа.

Исцрпени сте затоа што ви недостигаат пријателите.

Имам кажано и порано, но повторно ќе кажам: Мајки, не правите ништо лошо. Сè е многу напорно.

И тоа што сте исцрпени не е ваша вина.

Некои одговори на овие проблеми се очигледни, но многу не се. Бидејќи тоа не се проблеми што самите сте ги создале. Ова се манифестации на културни недостатоци што ги уништуваат мајките.

Иако не е правилно или правично, наше е да ги решиме овие проблеми, бидејќи се чини дека никој друг нема да ги реши.

Не станува збор за капење во миризлива када и, секако, за уште една чаша вино навечер.

Станува збор за ранливоста.

Станува збор за отфрлање на идејата дека треба да бидете совршени мајки и сопруги.

Станува збор за тоа дека треба да бидете автентични, дури и ако тоа значи дека сте автентично скршени.

Станува збор за тоа дека треба да сте искрени.

Но, мајки, што ако почнете да се залагате за себе? Дури и ако вашата куќа е несредена. Дури и кога вашето дете ќе направи сцена во супермаркетот. Дури и кога се чини дека сè се распаѓа.

Што ако станете и покрај тој хаос, се залагате за себе?

Велејќи не.

Барајќи помош.

Зборувајќи за вашите потреби, без извинување.

Поддржувајќи ги другите мајки да го направат истото.

Можеби ќе ве игнорираат на почетокот. Можеби некој ќе превртува со очите. Но, да се биде ранлив – покажувајќи го тоа, поседувајќи сопствена приказна и поддржувајќи ги другите мајки да се залагаат за себе, ќе почнеме да ги подобруваме работите.

Да се ​​биде ранлив е неверојатно непријатно, а добрата вест е дека никој на оваа планета не е похрабар од мајката.

Спуштете го гардот, мајки. Нема да биде лесно. Но, вашата храброст ќе ги инспирира другите мајки и пред да станете свесни за тоа, ние ќе направиме културна промена.

И тогаш навистина ќе можеме да уживаме во таа бања со меурчиња.

Автор: Дијана Спалдинг

Извор



912

X