Ќе има денови кога ќе биде доволно да се сетите дека сте направиле многу со тоа што го одржувате вашето бебе живо, здраво, нахрането, чисто и облечено

Станувањето родител е исклучително важен животен настан кој е поврзан со промена во идентитетот на родителите. Особено ова е истакнато кај мајките затоа што тие доживуваат низа значителни промени (физички, физиолошки и психолошки) во текот на бременоста, за време на раѓањето, како и по породувањето. Соодветна грижа за менталното здравје на мајките во овој транзициски период е нужна бидејќи здравјето на мајката и здравјето на детето се инхерентно поврзани. Поинаку кажано, среќна мајка-среќно дете.

Во првите месеци по породувањето, покрај интензивната грижа за бебето, потребно е мајките да се грижат за себе. Еден од предизвиците со кои се соочуваат новите мајки е да најдат слободно време за себе за активности кои им побудуваат задоволство и ги прават среќни. Доколку на подолг период тие се лишат од оние мали нешта, односно активности што придонесуваат за секојдневно задоволство, може да се појават позачестени промени во расположението, како и чувство на депресија. Понекогаш таквите активности не се очигледни сè додека не престанете да ги правите. Па затоа корисно е да направите список со активности за грижа за себе и тој да биде поставен на видно место каде што можете да ги прочитате по неколку пати во текот на денот (на пример, на фрижидерот). Исто така, корисно е да направите и список со активности преку кои ќе се негува и релацијата со партнерот, односно сопругот. Воедно, потребно е и да се одвои време за социјализација со други значајни личности (на пример, пријатели, колеги и сл.).

Еден од начините да одвоите време за себе е да создадете систем на поддршка од блиски личности, како и да ја споделите грижата за бебето со вашиот партнер, односно сопруг. Многу психолози го охрабруваат создавањето на социјален систем на поддршка од блиски личности (особено во оние земји каде што таква системска поддршка отсуствува на општествено ниво). Неопходно е да се истакне дека грижата за себе не е показател на себичност, туку напротив – таа е клучна за оптимално функционирање и одржување на физичкото и менталното здравје.

Во првите неколку недели по породувањето важно е да се фокусирате на вашите потреби и потребите на вашето бебе, па затоа пожелно е отворено да комуницирате со цел да се постават јасни граници и очекувања за луѓето што го сочинуваат системот на поддршка, како и оние луѓе што сакаат да дојдат во посета. Одлуката за тоа кој доаѓа во посета и колку долго ќе се задржи во вашиот дом зависи од вас и од вашиот партнер, односно сопруг.

Даниела Неделкова

Понекогаш, дури и кога вашите потреби или потребите на бебето се очигледни за вас, вашиот партнер, односно сопруг можеби не го согледува тоа, па затоа е важно да побарате помош/поддршка директно од него.

Еден од најчестите совети што мајките ги добиваат од докторите во однос на грижата за себе е да спијат додека бебето спие. Овој совет не е секогаш лесно да се практикува, особено кај оние личности што се соочуваат со несоница. Дополнително и поради фактот дека во текот на денот постојат низа обврски кои треба да се завршат. Иако стручното мислење е разнолико во однос на тоа колку часа сон се потребни за оптимално функционирање, сепак, некои автори потенцираат дека во текот на ноќта (особено во првите месеци од мајчинството) потребно е да спиете барем четири часа во континуитет.

Најголемиот предизвик со кој се соочуваат новите родители е да се приспособат на новото ниво на неизвесност во секојдневието. Во таа насока, потребно е да се намалат очекувањата во врска со задачите што може да се реализираат во текот на денот. Секој ден листата со приоритети ќе се менува, а некои денови единствениот приоритет ќе биде опстанокот. Во тие денови потребно е да се сетите дека сте направиле многу со тоа што го одржувате вашето бебе живо, здраво, нахрането, чисто и облечено.

Во 1953 година Доналд Виникот (Donald Winnicott), педијатар и психоаналитичар од Лондон, го воведува терминот „good enough mother“ („доволно добра мајка“) потенцирајќи дека стремежот кон совршена или најдобра мајка може да предизвика несакани проблеми и кај мајката и кај детето. Едноставно мајката треба да биде „доволно добра мајка“ која се грижи за основните физички и емоционални потреби на бебето и е автентична во односот со него.

Чинот на раѓање и патувањето наречено родителство се искуства кои побудуваат спектар на сложени емоции. Во таа насока потребно е да се истакне дека стручните лица ги охрабруваат мајките отворено да зборуваат за своите емоции, своето здравје, како и односот кон сопственото тело во текот и по бременоста, а доколку е потребно, и да побараат стручна помош.

На крај, животот се состои од учење од искуствата. Менувањето на одлуките или пристапот во воспитувањето и грижата за вашето дете се само индикатор дека учите од искуството и дека ги препознавате развојните потреби на вашето бебе.

Автор: Даниела Неделкова, лиценциран психолог при Комора на психолози
Текстот е подготвен во рамките на програмата на Денови на психологија 2019: Ајде да зборуваме за видливото и НЕвидливото насилство.
Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2019, организирани од Комора на психолози.



912

X