Сè е полесно вториот пат, нели? И со текот на времето станува полесно.
Но, кога ќе станете мајка првпат, голем дел од работите одземаат непотребно време, нерви и енергија. Сето она што ви се случува првпат бара посебно внимание и е потешко отколку подоцна кога стекнувате одредени вештини и знаења.
Исто како кога размислуваме што би ѝ кажале на нашата помлада верзија од себеси, од перспектива на некој со повеќе години и искуство, на памет ни паѓаат секакви работи. Истото важи и кога ќе станеме мајки првпат. И прекрасно е однапред да се прочитаат некои искуства кои можат да ни го олеснат овој период. Токму една мајка сакала да го направи тоа, па споделува грешки што ги направила, а би сакала да ги знаела кога била помлада
Не си дозволував многу работи во деновите по породувањето
Пред бебето имате сопствен ритам, љубов кон нешто, некакво хоби, рутина. Откако ќе се породите, некои работи престануваат. Ако сте биле активни порано, сега тоа е поинаку. Ако сакавте да се дотерувате, сега тоа ќе ви биде невозможно. На почеток е тешко да се приспособите, но важно е да го прифатите тој период и да се помирите со него.
Бев загрижена да не го разгалам моето дете
Како новопечена мајка, а понекогаш и подоцна, реагирате на секој плач на бебето. И тоа е во ред. Исто така, во ред е да го носите вашето бебе со часови, ако тоа е сè што е потребно за спиење. Во ред е да го гледате заљубено и да го галите. Не, не можете да разгалите новороденче или да му всадите лоши навики. Тие се мали, беспомошни суштества кои штотуку се навикнуваат на големиот, страшен свет.
Бев фокусирана на дневното спиење
Некои бебиња спијат повеќе, некои помалку. Кога ќе станеме мајки и кога ќе нѐ обземе овој замор, лесно е премногу да се фокусираме на сонот на бебето бидејќи тогаш имаме можност и да се одмориме (или да чистиме, готвиме…). Ако вашето бебе сè уште нема воспоставено дневен ритам на спиење, тоа може да биде целосен хаос. Но, полека ќе успеете. Како што расте детето, многу работи си доаѓаат на свое место. Верувајте дека работите ќе се променат со текот на времето.

Го споредував моето бебе со други бебиња
Да се разбереме – навистина е тешко да НЕ го споредувате вашето бебе со други бебиња, особено ако е вашето прво дете и не знаете што да очекувате. Другите бебиња стануваат водич за она што го очекувате. Но, тоа не е добро затоа што сите бебиња се различни.
Бев опседната со спиењето на бебето
Животот на бебето во првите месеци, па дури и години се состои од различни фази. Се редат едно по друго и бебето се менува. Во првите месеци, сонот, вистинскиот ноќен сон, е опсесија на многу мајки. Некои бебиња не можат сами да заспијат, некои не можат сами да спијат, некои постојано се будат, а вие сакате само да спијат цела ноќ. Не грижете се. Ќе дојде период кога вашето бебе ќе спие цела ноќ.
Не го следев сопствениот инстинкт
Бидејќи ова е ситуација во која првпат се наоѓаме, тешко е веднаш да му веруваме на нашиот инстинкт и на самите себе. Но, токму тоа треба да го направите. Вашето дете е уникатно. Вие сте уникатни. Слушајте се себеси. Секако, ако се работи за важни, големи работи, болести, големи сомнежи – консултирајте се со педијатар.
Купував многу бебешка облека
Бебешката облека е најслаткото нешто на целиот свет и лесно е да се купи премногу. Но, имајте на ум дека бебето ќе порасне за брзо време и голем дел од облеката ќе остане неизносена.
Се обвинував себеси кога не можев да го смирам моето бебе
Теоретски отсекогаш знаев дека новороденчињата многу плачат, но не сфатив колку плачат додека не станав мајка. И има смисла кога размислувате за тоа. Плачењето е буквално единствениот начин на кој бебето може да се изрази.