Околу 70 отсто од играчките на пазарот во Македонија се небезбедни, се продаваат на отворено, на пазарите, немаат соодветна декларација, ниту информација за нивниот хемиски, физички, безбедносен состав. Ова е процената на граѓанската организација „Новинари за човекови права“, која спровела истражување за состојбата со играчките на пазарот во Македонија.
Од организацијата велат дека целта на истражувањето е да се подигне свеста за нивната безбедност и да се направи споредба со резултатите од истражувањето спроведено во 2013 година.
– Има 17 компании чија примарна дејност е увоз на брендирани играчки, но само четири од нив увезуваат еколошки безбедни играчки кои се произведуваат во светот, односно станува збор за 20 признати бренда. Сите други играчки на македонскиот пазар се небрендирани – рече Наташа Доковска, проектен координатор од организацијата.
Таа посочи дека во 2013 година на македонскиот пазар биле застапени 50 бренда, а сега 20.
– Претпоставувам дека намалувањето се должи на намалувањето на економската моќ. Едноставно луѓето немаат пари да ги купат и увозниците ги затвораат продавниците – рече Доковска.

Потенцира дека треба да се едуцираме за тоа што треба да содржат играчките, да внимаваме што купуваме, да ја следиме Рапекс-листата која е алатка на ЕУ на која секоја недела се објавуваат сите производи што се забранети на европскиот пазар.
Тестирањето играчки во Скопје и во Битола покажало дека најголем дел од нив немале соодветна декларација, а повеќе од половината имале знаци што посочувале дека се токсични.
– Над 70 отсто од играчките се небезбедни и содржат ситни делови, а бучавата кај сите е речиси недозволена, односно над 85 децибели. За безбедноста на играчките е задолжен Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а за увозот и нивната испорака се задолжени министерствата за здравство, животна средина и за економија – додаде Доковска.



912

X