Од МТСП посочуваат дека потребата за згрижување на децата во градинките е 50 отсто од вкупниот број запишани деца
Градинките засега ќе ги згрижуваат само децата чии родители ќе донесат потврда од работа дека не можат да ги извршуваат обврските од дома, како и децата на самохраните родители што одат на работа. Уписите на нови деца ќе бидат можни само ако во одредена градинка се згрижени помалку деца во групите од предвиденото според протоколите, но и ако тоа го дозволуваат просторните капацитети на овие згрижувачки установи. Вакви се првичните состојби пред отворањето на овие државни установи за згрижување деца, откако Владата најави отворање на детските градинки на 9 септември годинава.
Од МТСП посочуваат дека потребата за згрижување на децата во градинките е 50 отсто од вкупниот број запишани деца.
– Имајќи ја предвид сериозноста на пандемијата и ширењето на вирусот, апелиравме до сите родители што имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин да не ризикуваат во овој момент и по секоја цена да го носат своето дете во градинка за да им дадат предност на оние родители што мора да бидат присутни на работното место, а немаат каде да ги остават своите деца – посочуваат од ресорното министерство.
Согласно протоколот, воспитните групи за деца до двегодишна возраст треба да имаат по максимум шест деца, а групите за децата од три до 10-годишна возраст да имаат по максимум 15 деца.
Изминатите години градинките кубуреа со слободни места за упис на нови деца, во групите во некои градинки имаше и по 30-40 деца, а поради страв на родителите дека нема да имаат каде да го остават детето на чување, се резервираа места и за сè уште неродени деца.
Се спремаат за работа, капацитетите сведени на минимум
Надлежните во градинките веќе се подготвуваат да почнат со работа. Ги дезинфицираат просториите за престој на децата, но и ги анализираат кадровските решенија со бројот на вработени во установите, кои треба да ги приспособат според наложените протоколи за работа.
Елена Устамитова, директорката на градинката „Буба Мара“ во скопски Аеродром, вели дека според протоколите за работа, сега градинката ќе може да згрижи околу 300 деца.
– На листата на чекање за упис на нови имаме 100 деца. Ако има простор во групите, односно ако од 15 деца во една група се откаже присуство на некое дете, тогаш ќе може во истата група да вклучиме ново дете. Ќе биде добро ако од децата на листата за чекање запишеме една третина од нив – посочува Устамитова.
Според Станка Баџакова, директорката на градинката „Весели цветови“ од населбата Кисела Вода во Скопје, во нормални услови згрижувале и до максимум 1.090 деца, но сега според протоколите ќе можат да прифатат нешто повеќе од 300 деца.
– Уписот на нови деца, особено на најмалите, на тие во јасли ќе биде разгледан откако ќе почнеме официјално со работа, зашто тогаш ќе ги направиме и реалните процени на терен, односно ќе видиме колку деца редовно ќе ја посетуваат градинката – смета Баџакова.
Снежана Тодоровска, директорка на битолската градинка „Мајски цвет“, вели дека протоколите сега дозволуваат згрижување на околу 400 деца, иако претходно имале и повеќе од 600 деца. Нови деца ќе примаат ако се овозможат услови за тоа. Сепак, според неа, Општина Битола изминатиот период овозможила отворање и на нови градинки, со што ќе се распоредат капацитетите на градинките.
Родителите со поделени мислења и потреби
Меѓу родителите изминатиот период има многу дилеми дали е исправна одлуката да се отворат градинките и да ги пуштат децата во градинка.
Најмногу се засегнати оние родители со деца до шестгодишна возраст, но кои не знаат дали ќе им биде продолжена потврдата за отсуство од работа, но и оние што се на породилно отсуство, а чии деца не се на приоритетната листа за упис во градинките.
Родителите имаат различни потреби и ставови. Некои велат дека отворањето на градинките е опасност од дополнително ширење на вирусот, но има и такви што посочуваат дека постои можност да ги изгубат своите работни места ако немаат каде да ги остават децата на чување.
912