Доколку се појават какви било симптоми, задолжително известете го воспитниот тим од групата каде што престојува вашето дете. Ве молиме за поодговорно однесување поради влошената состојба со ширење на вирусот, пишува во соопштението на градинките.
Претпазливост и одговорност, со контрола на општата здравствена состојба на децата бараат надлежните во градинките од родителите.
Ако забележат каква било промена кај децата, советуваат да не ги носат во градинка. Вакви препораки од градинките до родителите се испратени поради енормното ширење на омрикон сојот, кој ги напаѓа и децата.
Голем број од детските градинки на своите веб-страници, како и на фејсбук-профилите испратија соопштение во кое ги предупредуваат родителите да бидат претпазливи.
-Поради сериозната состојба со вирусот ковид-19, ве молиме за исклучитечна претпазливост при појава на симптоми кај вас и вашите деца, како омалаксаност, зголемена температура, кашлица, растечен нос, дијареа, повраќање. Доколку се тестирате или имате позитивен член во семејството, задржете го вашето дете дома со цел да спречиме ширење на вирусот помеѓу другите деца и вработените. Доколку се појават какви било симптоми, задолжително известете го воспитниот тим од групата каде што престојува вашето дете. Ве молиме за поодговорно однесување поради влошената состојба со ширење на вирусот – пишува во соопштението на градинките.
Елена Устамитова, директорката на градинката „Буба Мара“ во општина Аеродром, вели дека секој јануари имаат минимално намалување на деца кои престојуваат во градинките, но тоа најчесто е поради училишниот распуст.
-Помалите деца ги чуваат повозрасните, па имаме некое благо намалување. Засега немаме болни деца, но апелираме до родителите да бидат претпазливи, со цел да ги заштитиме децата, но и вработените – посочува таа.
Александра Јелиќ-Исаиловска, директорката на градинката „Срничка“ во скопската населба Аеродром, посочува дека многу често се случува родителите да ги тестираат децата со брз тест, кој иако е позитивен, не влегува во официјалната статистика, па затоа не можат ниту групите да ги стават во изолација, ниту, пак, да ги изолираат вработените.
-Овој период имаме групи кои се намалени, па токму поради тоа апелираме до родителите да бидат претпазливи и да не ги носат децата доколку имаат некој симптом – објаснува директорката.
Владата на 1 септември минатата година го дополни протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголеми бројот на деца од 21 на 25 деца.
Во соопштението се наведува дека ова важи само за големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години.
912