Раскажана во ритамот на новите басни, илустрираната книга „Градината на китот“ е приказна за еден кит кој сака да биде опкружен со многу пријатели. Посакувајќи градина на својот грб, тој бара помош од своето другарче скакулец, кој веднаш скокнува на помош. Му носи клупа, дрвца, цвеќиња… поставува цела една градина на грбот на китот! Оваа преубаво напишана приказна е посветена на чудесните пријателства, но и надминувањето на сопствените стравови од осаменоста. За храброста да се биде поинаков, но и еднаков со сите, кога срцето е отворено како фонтана која блика од среќа.
Автор на оваа современа басна е Тон Телеген, роден во Бриел, кој освен што е природен раскажувач, е лекар по професија. Се смета за еден од најдобрите холандски автори чии дела се закитени со голем број книжевни награди. Најчесто пишува за деца, а неговите ликови се антропоморфни животинчиња кои се обидуваат да го најдат своето место во големиот свет.
Оваа книга е дел од едицијата „Магични приказни“ поддржана од проектот „Креативна Европа“, од Програмата за култура на Европската Унија.