Биби, заштитниот лик на Деца.мк, кој го нацрта Тхе Мичо, го оживеа режисерот Гоце Цветановски. Тој во моментов работи и на анимирани филмови со нашата јуначка. Разговаравме за тоа како течат работите, како ја доживеал Биби, за режирањето проекти за деца, за пинг-понг креативноста…

Гоце Цветановски моментално е креативен директор во „Линкс студио“, најголемото 2Д-анимациско студио на Балканот, каде што од поодамна работат на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, вселенска комедија, како што вели, од интергалактички размери. Исто така е и партнер во „Комик Бру“, издавачка куќа за стрипови од Шкотска, каде што со македонско-шкотска екипа се работи стрип инспириран од шкотската митологија. Цветановски е прилично љубопитен и еклектичен автор, работи со разни формати и жанрови: музички видеа, документарни, кратки филмови, дури и видеоигри. Еден од позабавните проекти во последно време му биле спотот за „Последните селани“ како и видеоиграта „Балун Бадабум“.

Како го доживеавте ликот на Биби?

– Биби ме освои на прв поглед. Уште кога ги видов скиците на Мичо, се почувствував како веќе долго време да сме се знаеле. Некако веднаш успеав да ја прочитам. Сигурен сум дека би можеле да бидеме најдобри другарчиња, а доколку некогаш имам ќерка, се надевам дека ќе биде како неа.

Како изгледа режија на вакви проекти?

– Исклучително забавно. Додека дискутираме со аниматорите и артистите околу акциите и емоциите на Биби за секој кадар посебно, многу често ги интерпретираме, и тука настануваат прилично смешни ситуации. Најдобрите моменти се раѓаат кога најмногу се забавуваме. Би можел со задоволство да кажам дека режијата на анимирани проекти е несериозна работа.

На проектот работите шестмина. Како се усогласувате?

– Со долги и темелни разговори и средби, при што правиме и многу проби и тестови за да го добиеме најдобриот можен резултат. Често ја применуваме техниката што јас ја нарекувам пинг-понг креативност, односно нафрлање идеи преку електронска пошта, на што другите одговараат со нивно мислење и предлози, додека не дојдеме до саканиот резултат. Но, се разбира, најинтересни се брејнсторминг-сесиите кога сме сите присутни, тогаш настануваат оние ситни детали што го красат делото.

Кој е Гоце приватно?

Креативец, патник, сонувач, смешко, дете во тело на возрасен. Обожавам да раскажувам приказни, да ги смеам, забавувам, па дури и да ги расплачам и исплашам моите слушатели. Љубител на фантастика и митологија, преносител и креатор на позитивна енергија, цртанофил, стрипохолик… Ако продолжам, мислам дека ни ликовите од „Игра на троновите“ нема да можат да ме стигнат по бројот на епитети.



912

X