ПРАШАЊЕ: Син ми има една година и десет месеци. На осум месеци беше запишан во приватна градинка каде што беше во група само со две дечиња. На година и шест месеци го префрливме во државна градинка. Веќе четири месеци оди во група со 20-ина дечиња, но сѐ уште не се опушта за да се дружи, ги игнорира. Секој ден го шетаме во парк, го играме, но нема некоја посебна интеракција со деца освен што кога е со нас, знае да ги тегне, а многу ретко се заигрува со дете што го познава. Ве молам за мислење и совет.
ОДГОВОР: Вашето дете е на неполни две години и од оваа возраст не можеме да очекуваме конструктивна, асоцијативна или социјална игра, како и долга социјална интеракција меѓу врсниците. Каква социјална интеракција ќе создава детето со околината, ќе зависи, пред сè, од возраста на детето, потоа од темпераментот, комуникацијата со родителите, степенот на развиен говор итн.
Играта е доброволно ангажирање на детето во активности кои се самомотивирани и кои обично се поврзани со задоволство и уживање. Преку играта децата учат за околината и нивното место во светот. Ова е период од развојот кога доминира самостојна игра, односно период кога детето игра само со себе и децата изгледаат како да не забележуваат други деца кои седат или играат покрај нив, кон премин во периодот на игра на набљудување.
Тоа е развоен период кога децата се набљудуваат едни со други додека играат. Детето што набљудува може да поставува прашања во врска со играта, но нема голема иницијатива да се вклучи во неа. Затоа кон развојот на децата потребно е да приоѓаме трпеливо, без субјективни очекувања кои во моментот на дадената возраст детето не може да ги исполни.
912