Воспитување

Го губите трпението? Чекори што ќе ви помогнат да останете смирени

Дали некогаш сте се соочиле со тантруми во вашиот дом? Знаете што тие вклучуваат: викање, врескање, вулгарности и губење контрола до моментот кога не можете да поднесете ништо и сакате да избегате. Да, станува збор за родителските тантруми, познати на сите нас што сме ги доживеале многу пати откако станавме родители.

Децата се познати по тоа што го извлекуваат најдоброто од родителите. Постојат моменти кога се чувствуваме како подобри луѓе поради нив; моделираме подобро однесување, искрени сме, простуваме, грижливи сме и љубезни. И, секако, постојат периоди кога нашите деца го извлекуваат најлошото од нас. Постојат моменти кога сме исцрпени, преоптоварени, па следното нешто што го правиме е врескање, викање по децата и многу сме бесни. Губењето на контролата е нешто што му се случува на секој. Но, постојат решенија што можат да ви помогнат да останете смирени и да ја вратите контролата.

Чекор 1: Препознајте што ве предизвикува

Првиот чекор е да откриете зошто сте ја изгубиле контролата. Кога ќе сфатите што ве направило бесни, подобро ќе знаете да се контролирате и веќе сте на пат да го запрете бесот.

Чекор 2: Пронајдете нови начини за комуникација

Повеќето родители, откако ќе изгубат контрола, најлошо се чувствуваат поради начинот на кој разговарале со детето. Многу често родителите имаат лоши комуникациски навики што ги научиле од своите родители додека растеле. Ова може да вклучува третман на молчење, строги казни, викање, саркастични коментари, пцуење и навредување. Лесно е родителите да ги стекнат овие работи особено кога нивното дете вреска. Но, важно е да запомнете дека вие моделирате како да се справите со лутината и фрустрацијата на вашето дете. Понекогаш е важно децата да знаат дека не сме среќни, но мора да пронајдеме начин да ги изразиме нашите чувства на соодветен начин.

Чекор 3: Пронајдете стратегии за да се смирите

Постојат неколку стратегии што може да ви помогнат да не ја изгубите контролата.

– Излезете од собата: кога ќе почувствувате дека ја губите контролата и сакате да почнете да викате колку што ве држи гласот, излезете од собата. Не само што тоа ќе ве спречи да тргнете по погрешниот пат, туку и ќе му покажете на детето соодветен одговор кога ќе се чувствува преоптоварено.

– Вежбајте длабоко дишење: постојат многу моменти кога треба да го прекинете зборувањето, да седнете и да ја искористите техниката на длабоко дишење за да се смирите.

– Обидете се да броите наназад: пред да ја отворите устата за да одговорите, избројте наназад кон смиреност, додека не се најдете на друго место во мислите.

– Долгорочни стратегии: за долгорочни смирувачки практики, внесете физичка активност во вашата неделна рутина. Сите сме зафатени и немаме време, но еден од начините да бидете најдобар родител е да се грижите за себе, а може да биде во форма на јога, медитација, трчање, возење велосипед или едноставно пешачење.

Чекор 4: Смирено комуницирајте

Здравата комуникација се потпира на вашата смиреност и смиреноста на вашето дете, па немојте да им пријдете ако сѐ уште викаат по вас или ако вие сте премногу лути за да зборувате. Кога ќе се потсмирите, ова се некои од коментарите што треба да ги дадете, на смирен начин:

– Не ми се допаѓа кога ќе си дојдам дома од работа и ти не си завршил ништо од твоите обврски. Те молам заврши ги сега.

– Го знаеш правилото во нашиот дом – завршување на домашната задача пред гледање телевизија. Нема повеќе гледање телевизија вечерва.

Чекор 5: Изберете ги вашите битки

Треба добро да размислите што е важно и на што да обрнете внимание, а што едноставно да го оставите така како што е. Кај помалите деца постојат многу секојдневни однесувања што можат да бидат фрустрирачки: на оваа возраст децата се неуредни, лесно се нервираат и плачат. Средношколците се неуредни, знаат да го менуваат расположението, неодговорни се и нефокусирани. Означете кои се вашите семејни вредности и одлучете на што најмногу треба да обрнете внимание. Дали е важно вашето дете да ги заврши обврските, дали е важно да има чиста соба и дали почитува? Дајте им до знаење кои се вашите очекувања.

Чекор 6: Извинете се ако грешите

Треба да знаете кога да признаете дека сте направиле нешто погрешно и да се извините. Некои родители мислат дека ако го направат тоа, се откажуваат од својата моќ и покажуваат слабост. Но, запрашајте се што сакате да го научите вашето дете. Сигурно сакате вашето дете да знае дека кога ќе повреди некого, треба да се извини.

Чекор 7: Најдете поддршка

Изберете доверливи пријатели или членови од семејството кои ќе ве поддржат во текот на годините. Најдете родители кои се истомисленици, на кои ќе можете да им се доверите кога сте имале вакви ситуации и кога се чувствувате засрамени или виновни. Не откривајте им ги најлошите моменти на други родители или членови од семејството кои осудуваат или изразуваат шок. Овие луѓе само ќе направат да се чувствувате полошо.

Чекор 8: Бидете љубезни кон себе

Практикувајте самогрижа и простувајте си сами на себе. Родителите се построги кон себе отколку кон кој било друг. Ова произлегува од интензивните чувства на љубов и грижа за децата. Но, не постои совршен родител кој ќе направи сè како што треба. Повеќето од нас имаат среќа ако го поминат денот како „доволно добар“ родител. Без разлика на тоа дали губите контрола еднаш или повеќе пати, важно е да признаете дека сте направиле грешка и да ветите дека ќе се подобрите во иднина.

Поврзани написи

To top