Во текот на бременоста жените се соочуваат со многу промени, од кои некои воопшто не се пријатни. Најпрво ќе ви паднат на ум утринските мачнини, хемороидите, исцрпеноста и болните гради, но главоболките во бременоста се исто така многу чести. Најчесто се појавуваат во првото и второто тримесечје, а главната причина за нивна појава се хормоните. Ако сте го намалиле внесот на кофеин за време на бременоста, ова ќе ги отежни работите уште повеќе.
За да не е сè така црно, истите овие хормони можат да им помогнат и на жените што имаат проблем со тешките мигрени за тие да станат поретки или целосно да исчезнат во текот на бременоста, додека има и жени чија бременост нема да влијае врз зачестеноста и интензитетот на главоболките.
Како да се лекува главоболката за време на бременоста?
Најкорисен метод е секако препознавањето на предизвикувачите. Тогаш ќе можете да ја контролирате самата причина и можеби успешно да спречите појава на главоболка. Покрај хормоните, многу други фактори можат да бидат одговорни за главоболката, како што се недоволното внесување течности, премногу кафе, недостиг на сон или изложеност на стрес. Ако ова не помогне, задолжително консултирајте се со вашиот лекар за лекови кои се безбедни за земање во бременоста.
Што ако главоболките станат неподносливи?
Повремените силни главоболки понекогаш може да укажуваат на прееклампсија, затоа не заборавајте да му го споменете вашиот проблем на вашиот лекар за навреме да откриете дали има некоја компликација што ја предизвикува главоболката. Со прееклампсија, главоболката често е придружена со болки како „сечења“ и зголемен крвен притисок.

Главоболки по породување: Кога престануваат?
Ако главоболките продолжат и по породувањето, тоа не мора да значи дека тие сè уште не се предизвикани од претходната бременост. Имено, во неделите по породувањето хормоните сè уште лудуваат и потребно е да му се даде доволно време на телото за да се врати во состојбата пред бременоста. Исто така, по спинална и епидурална анестезија, некои жени имаат силни главоболки по породувањето како резултат на тоа, но и тие исчезнуваат со текот на времето.