Кога бев на колеџ, и реков на мојата цимерка дека сакам да се омажам и да имам деца до 25 годишна возраст. Од секогаш било мој сон да останам дома и да бидам мајка. После врската со мојот поранешен сопруг, одлучивме да склопиме брак и јас да останам дома со нашите деца.
Се уште верувам дека тоа е животот кој ми е наменет да го живеам и мислам дека останувањето дома со своите деца, ако ве прави среќни, е прекрасна работа и не би го менувала за ништо на светот. Кога мојот поранешен сопруг и јас одлучивме да се разведеме и знаев дека ќе морам да се вратам на работа (во канцеларија) откако не работев надвор од дома речиси 15 години, бев преплашена. Се откажав од работење многу одамна и не бев сигурна што можам да понудам. Исто така, сакав да продолжам да останувам дома со своите деца.
Размислував да го продадам домот, мислејќи дека нема начин на кој може да опстанам сама. Бев премногу вознемирена еден ден додека се обидував да го променам вентилаторот на горниот ѕид во бањата, па започнав да повраќам. Бев навикната да имам партнер, некој со кој ги споделувам домашните обврски. Не бев навикната да носам толку тежок товар на моите рамена. Се потсетив на ноќта кога мојот сопруг и јас решивме да се разделиме. Тој ми рече: „Ќе најдеш доктор или адвокат, сигурен сум. Некој кој ќе се грижи за тебе“. Тоа беше токму тој ден во бањата кога не сакав никој да се грижи за мене. Сакав јас да се грижам за себе. Започнав да верувам во себеси и сфатив дека не морам се да правам сама, можам едноставно да побарам помош. Но, тоа не значеше дека очекував некој да дојде и да ме спаси, или да ја заврши потешката работа наместо мене.
Кога започнав да одам на состаноци повторно, брзо сфатив дека полесно за мене е да ја креирам сопствената среќа без да зависам од тоа некој друг да ме усреќи. Бев со поранешниот сопруг толку долго и мислев дека нова врска ќе направи да се чувствувам исполнета и среќна. Но, повторно грешев. Се до моите 40-ти не знаев, но открив колку полесно е за мене да се грижам за некои работи, вклучително и мојата сопствена среќа. Тоа не значи дека не ја вреднувам мојата врска и дека не сметам на новиот партнер за некои работи, бидејќи сметам. Сепак, многу сум посреќна кога сфаќам дека сум способна да направам одредени работи без некој да помогне или да се грижи за мене. Не трошам енергија чекајќи некој да ме усреќи, бидејќи сега знам дека тоа е во мои раце.

Ова е тематика за која често разговарам со моите деца тинејџери. Сакам да знаат дека друго лице може да им помогне во животот, но сакам да ја научат разликата помеѓу тоа и некој кој доаѓа да ги спаси. Не сакам да ги ставаат своите животи „на чекање“ заради некој друг. Ги учам моите деца да ги прават работите кои сакаат да ги прават и сами, дури и ако во моментот нема некој со кој би ги споделиле. Многумина од нас мислат дека некој друг ќе ги направи среќни, или ќе ни го олесни животот, но иако можеби така е за некого, не е така за сите. Сакам моите деца да бидат издржливи и да можат да сметаат на себеси. Сакам да сфатат колку е полесно да се обидеш сам да завршиш нешто, да пробаш нешто ново и да бидеш финансиски независен, отколку да сметаш на некој друг за сите работи.
Голем дел од сложувалката е да веруваме во себеси. Секогаш мислев дека сум прилично способна, независна жена се додека не се најдов во ситуација да сум сингл мајка со 3 деца. Беше навистина тешко. Се што правев ми предизвикуваше голема анксиозност и страв, бидејќи вистината беше дека морав да си верувам на себеси и во себеси. Морав постојано да си кажувам дека можам да работам, дека можам да се грижам за децата и домот сама. Тоа не значи дека не плачев многу и се помина без ниедна маана, но ослободувачко е чувството кога конечно ќе сфатите дека сте способни да бидете и сами и да се грижите за себе и за децата. Мојата цел за моите деца е да го видам тоа и кај нив и да верувам дека се способни да завршуваат работи самите без некој да дојде да ги спасува и тоа да се случи многу порано отколку што се случи за мене.
Автор: Кејти Бингам-Смит