Биљана Ивановска, психолог

Биљана Ивановска, психолог

Претседател на Здружението за умствен развој на деца „Бреин Гинис“ во Куманово
Тел: 071 711 555

Повеќе од авторот

Секој може да погреши, но само личноста што е сигурна во себе може да каже: „Погрешив и жал ми е“

Да поставиме прашање: Дали го познавате своето дете?
Позитивната дисциплина ве повикува да дознаете што мисли вашето дете. Како се чувствува вашето дете? Се надевам дека често си го поставувате ова прашање. На пример, имате бебе и вашето поголемо дете ви вели дека е љубоморно. Сфатете ги неговите чувства сериозно наместо да пробувате да го оттргнувате од тоа што го чувствува.
Што сака вашето дете од животот? Кои се неговите вредности, надежи, соништа? Не ваши, туку на вашето дете? Влезете во светот на вашето дете и обидете се да го разберете и да го испочитувате неговиот став. Бидете заинтересирани за своето дете такво какво што е, не пробувајте да го вклопите во вашите вредности, надежи и сонови.
Произлегува уште едно прашање: Дали верувате во своето дете?
Кога навистина верувате во своето дете, лесно ќе можете да престанете со обидите да го контролирате и казнувате. Ќе почнете да му давате поддршка користејќи методи што укажуваат почитување.

Кога прават грешка

Да се навратиме на вашето детство… Што вас, кои сте сега родители, ве учеа за грешките? Дали ве учеа дека грешките се лоши? Дека не треба да ги правите? Дека сте неспособни ако направите грешка? А доколку ја направите, треба да се извините, па дури и ако не сте искрени?
Во методите на позитивна дисциплина ваквите постапки се наречени погрешна претстава за грешките бидејќи не само што ја уништуваат самодовербата, туку доведуваат до обесхрабрување, па дури и до депресија. Тешко е да се учи и да се развива ако има обесхрабрување.

Што треба да направите ако детето направи грешка (во кој било сегмент… однесување, постапка, задача и др.)? Објаснете му дека секоја личност на овој свет греши.
Научете го на направената грешка да гледа како на можност да добие скапоцена помош од други.
Секој може да погреши, но само личноста што е сигурна во себе може да каже: „Погрешив и жал ми е“.

3 чекори за поправање на грешката

Научете го детето во 3 чекори да ја исправи грешката:

1.Препознавање на грешката со чувство на одговорност, а не со обвинување.
2. Помирување со грешката со извинување на личностите што се навредени или повредени.
3.Решение на проблемот, кога е можно. Со заеднички сили дојдете до разрешување на ситуација.

Ако погрешите и вие како родители, тогаш овие три чекори за поправање грешки можат да ви помогне да ја надоместите штетата што сте им ја нанеле на своите деца.

Запомнете! Не треба да се двоумите да им кажете на своите деца кога сте погрешиле. Ќе ви простат, а можат и да научат нешто од вашиот пример.

Развојниот период кај децата е поделен во четири фази и ни дава можност да се прашаме во кој период како ќе постапиме и колку ќе ги запознаеме сопствените деца: „Земи ме“, „Држи ме цврсто“, „Спушти ме“, „Пушти ме“.



912

X