Дали некогаш сте забележале како мајките се под лупа и се критикувани, а татковците се за пофалба за истите работи?
Искуството на оваа мајка е совршен пример и доказ за смешните двојни стандарди во родителството.
Познатата австралиска блогерка Костанца Хал често споделува хумористични анегдоти од родителството, а токму таква е нејзината приказна за менувањето пелени, која ќе ве насмее, а и совршено покажува како мајките и татковците поинаку се третирани за истите работи.
На нејзиниот пост, на кој имало околу 75.000 реакции, оваа мајка раскажува приказна за тоа како со нејзината пријателка била на ручек кога на своето бебе требало да му ја смени пелената.
– Отидов до тоалетот, а таму немаше маса за менување пелени. Ресторанот се наоѓаше до паркот, па отидов таму и му ја сменив пелената на тревата – раскажува Хал и додава дека не мислела дека тоа ќе претставува проблем.
Но приказната продолжува:
– По 30 минути дојде една жена и ми рече: „Ве видов во паркот како ѝ ја менувате пелената на вашата ќерка, ќе ве замолам следниот пат да ја користите масата за менување пелени“. Ѝ раскажав дека не најдов маса за менување пелени во тоалетот, на што таа ми одговори дека масата за менување пелени се наоѓа во тоалетот за инвалиди.
На ова, мајката саркастично ѝ одговорила на непознатата жена.
По една недела од инцидентот во ресторанот Хал заедно со својот сопруг била во паркот кога на нивното друго дете требало да му се смени пелената.
– Му реков на мојот сопруг дека е негов ред за менување на пелената, па го легна Руми на тревата и му ја смени пелената. Овој пат неколку непознати повторно имаа потреба да го споделат своето мислење, но нивните зборови беа на сосема различен тон. Група жени поминуваа покрај нас и една рече: „Ауу, колку добар татко! Тоа е она што сакаме да го видиме, браво тато!“ – пишува Хал и додава дека нејзиниот сопруг во тој момент се чувствувал како легенда, за разлика од минатата недела кога таа се чувствувала како губитник.
Навикната сум да бидам критикувана за работи за кои мојот сопруг го фалат
– Не размислував премногу за тоа бидејќи сум навикната на вакви коментари. Навикната сум да бидам критикувана за работи за кои мојот сопруг е пофален. Навикната сум кога ги земам децата од училиште да добијам осудувачки погледи ако задоцнам, додека пак за мојот сопруг „се поставува црвен тепих“ и добива пофалби веднаш штом ќе се појави пред училиштето. Такво е нашето општество, им наметнуваме притисок на жените да бидат совршени и несебични додека истовремено имаме ниски очекувања за родителството од мажите – вели Хал.
Целта на оваа мајка не е да го посрамоти таткото или да го намали трудот на татковците. Напротив, таа ја завршува оваа приказна со овие зборови:
– Не велам дека треба да престанеме да ги фалиме татковците. Убаво ми е кога мојот сопруг го фалат за тоа што го прави за нашите деца. Тој е добар татко и пофалбите се добредојдени. Но, би сакала повеќе да се пофалуваме и славиме ние, жените, едни со други. Сакам да видам жена која разговара на својот мобилен телефон додека ја турка количката во паркот и да помислат: „Браво, оваа жена избрала да не седи дома и да виси на Ибеј. Избрала да дојде во паркот и да биде супермама“.