Буквално врие на социјалните мрежи откако Министерството за образование и наука вчера објави нацрт-верзија на концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во Македонија.

Дел од медиумите погрешно објавија дека новата платформа ќе почне да се применува од септември оваа учебна година, по што МОН го поправи текстот во кој бара сугестии и предлози за подобрување на документот.

Сега на страницата на МОН пишува: „Основа на системот на образование од далечина ќе биде воспоставувањето национална платформа за основно и за средно образование, која согласно Концептот нема да се користи само во услови на криза, елементарни непогоди или вонредни состојби, туку националната платформа и сите нејзини функционалности ќе се користат и во секојдневната работа на училиштата, во комбинирањето на редовната настава со е-содржини, во нудењето различни извори и пристапи на учење, во проверувањето на постигнувањата на учениците, како и во следењето и вреднувањето на образовниот процес од страна на надлежните образовни институции со единствена цел – да се воспостави флексибилен систем на образование од далечина, лесен за користење, приспособлив за индивидуални потреби, како и употреблив за учење во училиште“.

Инаку, во документот јасно стои дека пуштањето во употреба на електронската платформа е предвидено за септември 2022 година, за кога е предвидена и изработка на е-содржини, додека набавката на ИКТ-опрема и образовен софтвер за користење ИКТ во согласност со стандардите е предвидена за 2025 година.

Родителите и наставниците и денеска бурно реагираат на социјалните мрежи бидејќи сфатија дека МОН допрва ќе развива вистински систем за онлајн-образование, национална е-платформа за учење за основното и средното образование, иако до почетокот на новата учебна година има уште еден и пол месец.

Наставниците велат „доста ни се импровизации“

Судејќи по коментарите, повеќето од наставниците не се согласуваат наставата да продолжи од дома бидејќи нема услови за таква настава, а од друга страна коментираат дека не може да се обезбедат безбедни услови и потребната дистанца со повеќе од 30 деца во иста училница. Некои предлагаат комбиниран пристап, малку дома, малку во школо, по принципот на некои европски држави.

– Никако онлајн, настава од септември во училници. Нека направат распоред за помалку деца, хигиена на високо ниво. Јас, на пример, имам три деца, сите на школска возраст. Колку компјутери ми требаат за да може да држам настава, а и тие да си ги завршат обврските. Дали МОН ќе ни обезбеди услови за работа првично? Како да држам настава во комбинирана паралелка од три одделенија, па не им се отвора, па немаат интернет. Ќе ги осакатиме децата од овој вид настава, ништо не научија – коментира наставничка.

– 15 деца во училница и настава во школо. Оние што ќе ми кажат дека онлајн-наставата ја спровеле и функционира успешно, не се искрени и не ја зборуваат вистината – вели нејзина колешка.

– Нека се најде начин, помалку деца, скратена програма, ама само во училница, лажат сите што ќе кажат дека успешно е далечинското учење. Како во 2. одделение ќе ги описмениш – коментира наставничка.

Други наставници, пак, сметаат дека добра платформа може да биде привремено решение за оваа учебна година бидејќи со вакви бројки на заболени никој нема да биде безбеден во училиште.

– Немаме капацитет за безбедни училишта. Подобро да се ангажираат стручни и способни луѓе да изработат платформи за онлајн-настава… за одредени училишта, за групна настава. Секако, тие треба да бидат соодветно ангажирани и платени од страна на МОН, такви кадри има кај нас, но никој не ги ангажира. Но, не како минатата учебна година, со триста импровизации и разноразни експериментирања ја истеравме. Сепак, реалната состојба не дозволува настава во училиште, особено во оние полни со деца.

– Сите знаеме дека нема подобро од настава во училница. Но ситуацијата налага да се одбере тоа што е најдобро и за децата и за наставниците. Онлајн-наставата не е ставена за да се заштитат наставниците (покажа повикувањето на работа на 10 јуни во училиште), туку децата, и да се сопре ширењето на вирусот. Брзо заборавивме како одеше деновите пред прекинот на наставата. Првиот ден сите отвораа-затвораа врата со лакт, користеа дезинфекциски средства, а веќе наредниот ден моравме да опоменуваме за бришење на кваката, паднатите моливи, боички од земја, кашлање, кивање в лице на другарчето (и тоа само поради стравот дека некој патувал за Италија). Не можам да зборувам за односот на поголемите ученици, ама за децата во одделенска, особено малите од 1. до 3. одделение да работат со маска и да не ги допираат со нечисти раце, да не ги симнуваат, пак ставаат…, по најмалку 10 пати да ги мачкаат рацете со средства за дезинфекција во текот на престојот во училиште, да внимаваат на храната (ужината) да не ја оставаат на клупа… Илузорно е да се зборува. Мислам дека секој од нас на прво место треба да размисли трезвено дали сакаме здрави деца, па нека се и помалку образовани или обратно. Одењето во тоалет е друга работа – коментира нејзина колешка.

Како да бидеме и работници, и родители, и наставници истовремено, прашуваат родителите

Родители, пак, на социјалните мрежи коментираат дека се загрижени ако повторно мора да се учи од дома, без соодветна и вистинска национална програма за онлајн-учење. Тие исто така велат дека не може да бидат наставници и истовремено да работат од дома. Впечатокот кај повеќето е дека МОН спие додека новата учебна година тропа на врата.

Ова се само дел од коментарите на загрижените родители објавени на „Фејсбук“:

– Плачам! Нема абер за градинки, школството колабира. Од триаголник (наставник, содржина, ученик) во пентагон (наставник, содржина, ученик, родител, технологија). Настава во претпладневни часови, па имаме ли ние работа или треба до детето да седиме додека има онлајн-час?

– Jас од позиција на родител и во исто време позиција на наставник без соодветно образование, секако, ниту какви било обуки, страв ми е да помислам дека од септември ќе се случува истото што овие месеци едвај го издржавме, искрено не верувам дека ќе настапиме со иста енергија зашто ја исцрпивме силата, а да не зборувам за професионалниот дел. Јас сум здравствен соработник со целосен работен ангажман во кризава. Мислам дека е време нешто да се преземе сериозно, зашто ако времетраењето на целава криза се одолжи, тогаш и последиците ќе бидат трајни на многу животни полиња.

– Тоа што го нарекуваа учење на далечина се спроведе на климави нозе, едвај, и тоа со огромна жртва од родителите! Едноставно е невозможно да продолжи! Навистина не ми е јасно како планираат ние родителите нормално да функционираме и да работиме ако треба повторно да го носиме образовниот процес на наш грб и ако веќе е така, тогаш би требало да добиваме соодветен надомест! Никако не се согласувам да се продолжи така зашто тоа е осакатување на децата, не треба само материјалот да се помине, поважна е социјализација и рутината на нормалното на кое мораме што поскоро да ги вратиме децата, со маски, поголема хигиена и распоредени во повеќе училници, ама назад во училиште без изговор – коментира друг родител.

Од надлежните институции уште нема јасен одговор што ќе се случува од 1 септември.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми неодамна изјави дека Министерството е подготвено за секакви сценарија од септември и дека сè уште не може да каже дали наставата ќе продолжи онлајн или учениците ќе се вратат во клупите според специјални протоколи за безбедност.



912

X