Родителството не е секогаш лесно, ниту пак секогаш нè исполнува – понекогаш едноставно нè исцрпува и не можеме да најдеме ниту една батерија или полнач што ќе ни ја врати енергијата за да продолжиме понатаму. Не значи дека не го сакаме семејството, не значи дека сме лоши родители, не значи дека не сакаме да го имаме тоа семејство и дека сакаме да бидеме сами. Тоа значи дека едноставно мораме да ги наполниме батериите некаде, некако.
Не е лесно да се наполнат тие батерии ако сè е како и обично, ако се занимаваме со сè со што се занимаваат мајките секој ден. Не е лесно да се најде време да се наполнат тие батерии со едно дете, а камоли со две-три. Понекогаш, пред да дојде до исцрпување, ни треба пауза. Едноставно – одмор.
Кејт Лоут е новинарка и мајка на три деца. Кога нејзината ќерка имала 4 години, таа веќе го родила своето трето дете. Со оглед на тоа што не е, како што вели, лице кое сака бебиња, односно не е баш луда по периодот кога децата сè уште се бебиња, најдобро ѝ се чинело да раѓа деца едноподруго за да заврши со сите пелени побрзо. Таа веднаш по породилното се вратила на работа, со полно работно време, а работел и нејзиниот сопруг.
За еден празник отпатувале кај нејзиното семејство – тоа било недела на собиранки и уживање на разни веселби. Иако тоа ја исполнувало, сепак било исцрпувачко искуство. Кога на тоа ќе се додаде четиричасовен лет со мали деца и една недела со три деца во „туѓа“ куќа, на крајот од одморот била целосно исцрпена.
-Кога се вративме дома имав уште една недела одмор. Канцеларијата ми беше затворена последната недела од годината, што значеше дека имав дилема: дали да ги пратам децата во градинка или не? – признала мајката и рекла дека сепак одлучила да ги испрати во градинка.
-Токму тоа требаше да го направам за да ги наполнам батериите.
Неделата во која таа не работела, а децата оделе во градинка ѝ овозможила да се одмори и да се наполни со енергија по патувањето. Деновите најмногу ги поминувала во шопинг и дружење со своите пријатели. Ги гледала омилените ТВ-серии и нарачувала брза храна.
-Секогаш го оправдував тоа во мојата глава со тоа што мислев дека им користи на моите деца затоа што се вратија на својата рутина и се гледаа со своите другарчиња во градинка. Но, навистина, тоа беше одличен начин да се признае дека да се биде мајка е исцрпувачки и дека заслужив малку време за себе – рекла мајката Кејт.
Оттогаш поминало многу време и нејзините деца пораснале, но таа сепак одвојува малку време за себе – далеку од нејзините деца.
-Чувствувам дека тоа ме прави подобра мајка. Одам на викенд-патување со моите пријатели. Се согласувам да одам на службени патувања поради кои понекогаш може да го пропуштам првиот училиштен ден или некоја училишна претстава. Тоа ми помага да изградам кариера и да одржувам пријателства, а на моите деца им помага да ги научат животните вештини додека сум отсутна – рекла оваа мајка и заклучила:
– Одвојувањето време за себе им покажува на моите деца дека сум и личност освен што сум мајка. Поради далечината, нашите срца се уште поблиски.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912