Во Германија малолетници веќе од 14 години смеат да пијат алкохол под надзор на родител, но сега се бара ова да се укине, како и да се зголеми минималната возраст за легално купување алкохол од 16 на 18 години.
Повеќето Германци посакуваат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучувајќи го и укинувањето на консумацијата под надзор, која им овозможува на 14-годишниците да нарачуваат пиво во кафулиња ако нивниот родител е со нив, покажува анкета објавена неодамна. Резултатите од анкетата на институтот „Форса“, која ја нарачала осигурителната куќа „Кауфманише Кранкенкасe“, покажуваат дека 65 отсто од Германците поддржуваат забрана за консумација на алкохол кај малолетници под надзор.
Според законот, тинејџерите смеат да купуваат и да консумираат пиво, вино и други пијалаци направени од вино во јавност ако е присутен нивниот родител.

Иако со тесна разлика, 52 отсто од испитаниците сакаат да се зголеми возраста за легално купување и консумација на алкохол од 16 на 18 години. Во истражувањето спроведено во јуни учествувале 1.004 лица од цела Германија, на возраст од 18 до 70 години. Забраната за „контролирана“ консумација ја поддржуваат и министрите за здравство од сојузните покраини, а поддршка дава и федералната министерка за здравство Нина Варкен.
– Алкохолот, една од најчесто консумираните дроги, претставува значаен проблем за деца и тинејџери – изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската сојузна покраина Тирингенија и претседателка на Конференцијата на министри за здравство.
Здруженијата на лекари одамна повикуваат на зголемени напори од страна на здравствената политика за намалување на консумацијата на алкохол во Германија. Германското друштво за исхрана препорачува целосно воздржување од алкохол, посочувајќи дека не постои безбедно ниво на консумација. Алкохолот е психоактивна дрога поврзана со повеќе од 200 негативни здравствени последици, вклучувајќи несреќи, според документите на германското друштво за исхрана.
– Колку порано младите почнат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици – вели психолог од „Кауфманише Кранкенкасe“.
Покрај краткорочните последици како несреќи, повреди и насилство, алкохолот ја зголемува и шансата за рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб.
Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се развиваат и се поподложни на токсичното дејство.